1,4 милиони евра помалку во буџетот заради ненаплатен надоместок за користење на вода

Сподели

 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Министерство за животна средина и просторно планирање за 2022 година.

Со извршената ревизија констатирани се состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и за усогласеноста со законската регулатива.

Со ревизија на начинот и средства за финансирање на проекти опфатени во Програмата за управување со водите, согласно која се предвидени средства во вкупен износ од 50.940 илјади денари (околу 51 милион денар), чија распределба е во надлежност на Министерството, констатирано е дека не е воспоставен објективен и реален систем на избор на проекти, како и ризик за несоодветно користење на средства поради непостоење на јасни критериуми и правила специфични за реализација на овие проекти.

Имено, со извршениот увид и анализа на документацијата поврзана со начинот на реализација на годишната Програма за управување со води за 2022 година на ревизијата не и беше доставена комплетна документација за сите доставени барања и доказ за нивна евалуација.

Со увид во извршената евалуација и предлог листите на општините кои ги исполнуваат условите од програмата и одлуката за избор, утврдено е селективен и не образложен начин на избраните проекти во распределбата на средства за финансирање и реализирање на проектите, а и процентот на одобрените средства од побараните е различен и се движи од 30% до 100%.

Исто така, поради не доставување на поединечни извештаи за реализација на средствата од страна на органите на управата, до Владата не е доставен Извештај за реализација на средствата, состојба која може да има влијание на утврдувањето на реалните потреби за идни програмски и инвестициони активности при носење на Програмата за води од страна на Владата во идниот период.

Со ревизијата се утврдени неправилности и во однос на утврдување на динамиката на наплата на надоместокот за користење на водното право кој е приход на Буџетот на РСМ.

Склучени се спогодби со давателите на водни услуги за плаќање на не наплатениот пресметан надоместок за користење и испуштање на  вода на повеќе месечни рати, во вкупен износ од 112.663 илјади денари (околу 113 милиони денари). Заклучно со септември 2023 година од вкупно пресметаните достасани месечни рати во висина од 49.188 илјади денари (49 милиони денари), наплатени се 23.090 илјади денари (23 милиони денари), или 47%, додека за наплата остануваат неплатени надоместоци  кои се приходи на Буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од  89.573 илјади денари (приближно 90 милиони денари), односно 1.4 милиони евра.

Врз основа на Уредба за Методологија за распределба на средства како приход од надоместокот за производство на енергија од фосилни горива, а на предлог на Министерството за локална самоуправа, Владата секоја година носи Одлука за распределба на средства остварени по основ на надоместок за производство на енергија од фосилни горива како наменски дотации на општините.

Со извршениот увид во Одлуката за распределба на средства остварени по основ на надоместок за производство на енергија од фосилни горива како наменски дотации на општините за 2020 година, на 9 (девет) општини  се доделени средства во вкупен износ од 26.335 илјади денари (26 милиони денари).

Констатирано е дека од определените 9 (девет) општини, 4 општини не доставиле програма поради тоа што средства кои им се доделени не се доволни за целосна реализација на проектите, додека пак за неискористените средства не постои законски основ истите да бидат префрлени во наредната година.

Средства кои се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија, како и донаторски средства од тековни повеќегодишни проекти на Министерството, се обезбедуваат за реализација на целите определени во Националната стратегија за заштита на природата (2017-2027). Од извршениот увид, за периодот од 2020 до 2022 година ревизорите утврдиле дека преовладува нискиот процент на  буџетски средства кои се издвојуваат во секторот природа.

 

Графикон 1

 

 

Со увидот во реализацијата на  Годишните програми за заштита на природата за 2020, 2021 и 2022 година, констатирано е дека доделените средства од Буџетот на државата во вкупен износ од 2.400 илјади денари и донаторските средства од повеќегодишните проекти на Министерството во вкупен износ од 375.999 илјади денари не се воопшто или во целост реализирани.

 

Графикон 2

 

Одредени неправилности ревизорите утврдиле и при уплата на надоместокот од регистрација на моторни возила и пловни објекти кој претставува еколошки надоместок кој се наплатува при регистрација на моторни возила и пловни објекти од страна на станиците за технички преглед и регистрација на возилата.

На сметката на основен буџет на Министерството во текот на 2022 година по овој основ се остварени средства во висина од 247.523 илјади денари (околу 248 милиони денари). Со извршениот увид во начинот на водење на евиденцијата и наплатата на надоместокот по овие основи утврдено е отсуство на уплата на надоместокот при регистрација на пловните објекти, потреба од воспоставување единствен систем за следење на овој приход кој ќе овозможи одговорните лица во Министерството да имаат увид во наплатените средства од страна на Министерството за внатрешни работи и правните лица кои вршат технички преглед. Исто така, потребно е и зајакнување на контролата на документацијата кај правните лица кои вршат технички преглед на наплатата и пресметката на надоместокот, како и потреба од ажурирање на одредбите од договорите со правните лица – технички станици согласно последните измени на законската регулатива.

 

Не навремена и не целосна наплата, ревизорите исто така утврдиле и во наплатата на надоместоците за поседување на А и Б интегрирани еколошки дозволи.

Со не издавање/ ненавремено издавање на решенија за плаќање на надоместокот за поседување на А-интегрирана еколошка дозвола се остварени помалку приходи во буџетот на Министерството по овој основ во вкупен износ од 2.812 илјади денари (приближно 3 милиони денари), односно околу 48 илјади евра. По доставување на Нацрт извештајот од спроведената ревизија на Министерството, од страна на одговорните лица се преземени мерки и активности за наплата и пет правни субјекти извршиле уплата на средства во износ од 1.197 илјади денари (1 милион денари), односно 16 илјади евра на сметката на Министерството. 

 

Имено, од вкупно регистрирани 111 активни корисници на А и Б интегрирана дозвола за 2021 година (98 корисници на А интегрирани инсталации и 13 корисници на Б интегрирани инсталации) од страна на 18 корисници не е доставен годишен извештај за поседување на интегрираната дозвола, додека пак за 17 субјекти кои поседуваат А-интегрирани еколошки дозволи и се евидентирани во Регистарот, од 2018 година не се издадени решенија за годишен надоместок за поседување на А – интегрирана еколошка дозвола.

Исто така, евидентирани  се не наплатени побарувања од минати години во висина од 9.358 илјади денари (9 милиони денари) по основ на поседување на интегрирана еколошка дозвола од кои 5.003 илјади денари (5 милиони денари) или 53,4% се постари од три години, за кои на ревизијата не и беа доставени докази за навремено и целосно утужување, односно покренување на постапки за присилна наплата на сите должници кои во редовен рок не го платиле надоместокот за поседување на интегрирана еколошка дозвола и со тоа го оштетуваат буџетот на Министерството.

Неправилности со извршената ревизија се констатирани и во евиденцијата и наплатата на надоместокот за биоразградливи кеси, не целосен извршен попис на средствата, побарувањата и обврските, не се евидентирани дел од деловните објекти кои ги користи Министерството, како и неправилности во дел од јавните набавки, за кои се дадени препораки во насока на преземање на мерки и активности за надминување на истите.