Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на 54. Годишен состанок на Светскиот економски форум, денеска во Давос оствари средба со специјалниот претставник на Европската Унија за Западен Балкан и дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак.
На средбата беа разменети мислења за актуелните случувања и главните регионални предизвици, за очекувањата од дијалогот Белград-Приштина и за важноста од засилена регионална соработка како еден од клучните предуслови за одржлив мир, стабилност и просперитет на Балканот.
Во однос на перспективите на Северна Македонија, двајцата соговорници ја нагласија неопходноста од одговорен пристап на сите политички чинители, за обезбедување целосна имплементација на реформските процеси и задржување на европскиот курс на државата.
Претседателот Пендаровски и специјалниот претставник на ЕУ Лајчак ја нагласија важноста од продолжување на редовната комуникација и размена на мислења и информации од заемен интерес.