Осумдесетина претставки против текстови во медиуми годинава се поднесени до Комисијата за етика при Советот за етика во медиумите на Република Македонија, а околу 130 за година и половина, колку што постои ова тело, информираа денеска од СЕММ.
Мирче Адамчевски од СЕЕМ вели дека најголем дел од поплаките се однесуваат на текстови од порталите и поради тоа што тие не се регулирани, се очекува нивниот број драстично да се зголеми во предизборниот период.
– Речиси и да нема претставка во која не е наведено дека во текстот ја нема втората или третата страна. Голем дел се однесуваат, исто така, и на говор на омраза – рече Адамчевски.
Извршниот директор на СЕММ, Марина Тунева, ги повика медиумите на саморегулација за да се запазат етичките норми во новинарството.
– Помина повеќе од половина година откако беше потпишана Повелбата за етичко известување за избори, а претставките сè уште стигнуваат. Наместо да се подобри состојбата во медиумите, таа е влошена – изјави Тунева.
Од СЕММ најавија засилено следење на медиумите и уште еднаш повикаа да се почитува Повелбата, во која јасно се посочени насоките за известување на медиумите во предизборниот и во изборниот период.