ДС БАРА ПОВТОРНО СУДЕЊЕ НА СЛУЧАЈОТ “ШПИОН”

Сподели

Demokratski-sojuz

Демократскиот сојуз бара повторно судење на 18 обвинети во случајот „Шпион“, бидејќи на тој начин, како што велат од партијата, ќе можат да се преоценат доказите и обвинувањата во целина, стои во денешното соопштение на ДС.

„Специјалното јавно обвинителство (СЈО) го презеде случајот „Шпион“ и сигурно за тоа има и правна основа, но и цврсти докази и сомнежи дека Јавното обвинителство или судот направиле повреда на законите или, уште полошо, работеле под притисок и диктат на власта. Доколку е така, мора да има повторно судење, за секој осомничен во транспарентна постапка да може да ги презентира сите факти и докази, како и да се преоценат доказите и обвинувањата во целина. На овој начин има логика Специјалното јавно обвинителство да го застапува обвинението против осумнаесеттемина за шпионажа, уцени и за други кривични дела, а да се бара намалување на казните без да се изведат докази за тоа дека казните се одредувани по налог на партијата на власт или моќници од безбедносните служби, тоа е апсурд и нема правна логика и аргументи.“

Специјалното јавно обвинителство на јавната седница во Апелацискиот суд, во петокот минатата недела, ги одби како неосновани најголем дел од жалбите поднесени од обвинетите во случајот и нивните адвокати на пресудата на Кривичниот суд. СЈО ги прифати само жалбите на одбраната во врска со висината на казните на обвинетите и побара дополнителни вештачења на доказите за дел од кривичните дела за кои се обвинети Горан Стојков, Цветан Дамјански и Марјан Ефремов.