Значаен и контроверзен јордански писател, Нахед Хатар, кој го суделе поради споделување на стрип кој се смета за навредлив кон муслиманската вера на интернет, бил застрелан во главата пред судот во Аман каде требало да се појави на судењето.
Хатар, кој имал 56 години и бил христијанин, објавил стрип на Фејсбук на почетокот на годинава, за кој рекол дека ги исмева џихадистичките уверувања, а не исламот. Сепак, бил обвинет поради „поттикнување секташки убедувања и навредување на исламот“.
Хатар бил уапсен во август, а подоцна ослободен со кауција на почетокот на септември. Бил застрелан три пати пред самиот влез на судот, одејќи кон сопственото судење.
Според јорданската државна новинска агенција, Петра, напаѓачот бил уапсен на самото место.
Двајца сведоци рекле дека напаѓачот, кој имал долга брада и бил во доцните 50-ти години, носел традиционална арапска облека која ја носат ултраконзервативните сунитски салафи, кои се придржуваат кон пуристанистичка верзија на исламот и го осудуваат западниот начин на живот.
На стрипот кој Хатар го споделил во август – именуван „Богот на Даеш“, бил прикажан борец на ИСИС како седи крај две жени и бара од Господ да му донесе пијачка.
Хатар тврдел дека не мислел да го навреди исламот, туку го споделил стрипот за да прикаже како ИСИС „го замислува Бог и рајот“.
Како контроверзна фигура на левото крило на јорданската политика, Хатар се соочувал со обвиненија и претходно. Го имал навредено и кралот на државата, а се заземал и за правата на Палестинците во Јордан, кои немаат „никакви граѓански слободи“ во државата.