Неофицијално, според извори од МВР во случајот „Трезор“ наводно се работи за набавка на ФинФишер, кој се смета за еден од најмалициозните шпионски софтвери.
Дали во случајот „Трезор“ се работи за набавка на ФинФишер? Ова беше едно од новинарските прашања до СЈО, кое денеска информираше оти има основани сомненија дека четири раководни лица во МВР преку злоупотреба на службената положба го оштетиле буџетот за 862.042 евра, прибавувајќи имотна корист за фирмата „Финзи“ ДООЕЛ од Скопје, која набавувала опрема за УБК, пренесува Дојче веле.
Обвинителката Ленче Ристовска не даде конкретен одговор на новинарското прашање.
„Не можеме да ви дадеме дополнителни податоци за типот на опрема за којашто станува збор во конкретниов случај, со оглед дека тие податоци во овој момент може да и‘ штетат на истрагата. Се разбира, штом ќе бидеме во можност да го соопштиме типот на опремата, и за која компанија од Велика Британија станува збор, јавноста ќе биде известена и за тие детали“, рече обвинителката.
Класифицирана информација
„Во прашањето се крие и одговорот“, неофицијално тврдат за Дојче веле извори од Министерството за внатрешни работи. Според нив, во случајот „Трезор“ наводно се работи токму за набавка на ФинФишер, кој се смета за еден од најмалициозните шпионски софтвери. Информацијата не е изненадувачка, ако се има предвид дека Македонија во март 2013 година се најде на листата од 32 земји што го набавиле тој софтвер, според Извештајот што го објави истражувачката група Ситизен лаб од Универзитетот во Торонто. Подоцна извештајот беше дополнет и со податок дека како провајдер на шпионскиот софтвер ФинФишер во Македонија се користела ИП адреса од Македонски телеком, но не беше познато која институција го нарачала. Ниту тогаш надлежните институции не им одговорија на медиумите дали е точна таа информација, а таков одговор до денес не добија ни членовите на Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и на Агенцијата за разузнавање (АР). Оваа собраниска Комисија, која има осум членови и исто толку заменици, има обврска да ја контролира работата на УБК и АР од аспект на почитување на правата и слободите на граѓаните, законитоста во работењето, пречекорувањето на овластувањата и други злоупотреби, но и обврска за контрола врз нивната материјална, кадровска и техничка опременост. Претседателот на Комисијата, Хари Локвенец, вели дека прашањето за опремата било отворено уште на првата седница одржана есента минатата година.
„Побаравме УБК да ни достави список на опремата затекната во 2006 година, на опремата набавена во меѓувреме, на расходуваната опрема, како и податоци за севкупната опрема која во моментот функционира во УБК. Побаравме да ни бидат доставени и сите технички карактеристики за опремата и упатството од производителот за нејзината употреба, за да ги проучиме и извршиме надзор. Исто така ги побаравме и протоколите, процедурите и подзаконските акти со кои функционира УБК. Но, добивме само еден извештај на три странички кој не содржеше ништо од бараните податоци“, вели Локвенец.
Но, дури и членовите на Комисијата да знаеле за набавката на овој софтвер и придружната опрема, поради класифицираноста на информациите тие не би можеле јавно да го потврдат неговото функционирање во УБК. Се надеваат дека наскоро целата вистина ќе излезе на виделина.
„СЈО на денешната конгеренција за медиумите ги потврди индициите за злоупотреби во МВР и очекувам транспарентна постапка и носење на одлуки без какви било политички влијанија и притисоци“, вели Павле Трајанов, член на оваа надзорна Комисија.
„Го почитувам начелото за презумпција на невиност, но тоа досега МВР не го почитуваше и во поголем број на монтирани случаи објавуваше снимки од апсењата на повеке граѓани, меѓу кои Љубе Бошкоски и лица опфатени со предметите ‘Агент’, ‘Шпион’ и други. Штабот на ВМРО-ДПМНЕ лоциран во МВР полека се разоткрива и очекувам силна осуда и барање на одговорност од членовите на оваа партија. Сега, се е во рацете на судот и граѓаните“, вели Трајанов.
Подвижна опрема
Според извори во МВР, опремата за која се зборува во „Трезор“, наводно се користела во еден период, но со тешкотии поради недостиг на едуциран кадар.
Текстот во целост прочитајте го тука