Официјален Брисел, но и организациите надлежни за мониторирање на изборниот процес, нема да прогледуваат низ прсти: се бараат ефикасни реформи и фер-избори, потенцираат дипломати, пишува Дојче веле.
Состојбите во Македонија, придонесот што партиите ќе го даваат за излез од кризата, почитувањето на политичкиот договор и степенот на подготвеност за реформи, и во наредниот период ќе бидат под силна лупа на Брисел, но и на организациите надлежни за мониторирање на изборниот процес и на атмосферата што ќе му претходи, велат странски дипломати за ДВ.
„Нема да има прогледување низ прсти. За окончување на кризата се потреби ефикасни реформи и фер-избори“, потенцираат тие. Засега се воздржуваат од оценка на сегашниот момент кој е оптоварен со остра меѓупартиска реторика и антагонизми околу работата на СЈО, но повторуваат дека Специјалното обвинителство е клучниот елемент од договорот од Пржино.
Ваква идентична порака била испратена и од еврокомесарот Јоханес Хан на завчерашниот состанок со македонскиот вицепремиер за евроинтеграции Арбр Адеми во Брисел. Хан ја потврдил важноста од целосно спроведување на договорот од Пржино, како и на итните реформски приоритети, потсетувајќи дека „СЈО, кое е формирано од страна на Парламентот за заштита на правната одговорност за нелегалното прислушување и неговата содржина, е клучен елемент на договорот за Пржино, кој беше едногласно договорен меѓу политичките лидери“.
„Комесарот Хан потсети дека Специјалното обвинителство мора да биде во состојба да ги извршува своите обврски целосно и самостојно, без какво било попречување. Тој исто така нагласи дека политичките сили во земјата треба да се фокусираат на обезбедување кредибилност на изборниот процес, со спречување на заплашување на гласачите, одвојување на државните и партиските активности, обезбедување на балансирано медиумско известување и ажурирање на избирачкиот список“, изјави портпаролката Маја Коцијанчич.
Од Европската Комисија порачуваат дека внимателно ги следат развојот на настаните во земјата, и очекуваат од сите политички сили во земјата да се фокусираат во обезбедување на кредибилност на изборниот процес што треба да се случи на 11-ти декември.
„Организацијата и одржувањето на такви кредибилни демократски избори се важни за земјата да напредува на евроатлантскиот пат“, изјави Коцијанчич.
Борба против корупцијата
Според дипломатски извори, она што загрижува во овој момент е недостигот на политичка волја од сите страни за борба против корупијата и криминалот, а индициите за тоа се видливи, пред се, во „несоодветниот однос кон СЈО“.
Важноста од таква волја вчера беше нагласена и од Иво Вајгл, европратеник и известувач на Европскиот парламент за Македонија, кој во Скопје учествуваше на Меѓународната конференција „Справување со корупцијата и заробената држава во Југоисточна Европа“.
„Многу важно во овој момент да видиме политичка волја кај сите политичи играчи во Македонија да се борат против корупцијата. Некои од нив треба да се борат во нивните редови. Борбата против корупцијата е цел на секоја демократска земја и на секоја земја која сака да стане членка на ЕУ. Знам дека корупцијата беше еден од сериозните проблеми во оваа земја и тоа се повторува во сите извештаи на Европскиот Парламент и на Европската Комисија“, рече Вајгл, и порача дека СЈО треба целосно и безусловно да биде почитувано.
„СЈО е формирано заеднички, од главните политички партии. Сега треба да му овозможиме да испорача резултати и да не се прават опструкции во неговата работа. Од друга страна, оваа институција не е политичка и не треба да зазема страна во јавните конфронтации во однос на политички прашања, туку треба да го одбере јазикот, методите и позицијата согласно владеењето на правото – јазикот на правото“, потенцираше Вајгл.
Тој смета дека Македонија може да направи прогрес на нејзиниот европски пат преку изборите на 11-ти декември, од кои се очекува да бидат демократски, транспратентни, во согласност со европските стандарди, а резултатите да бидат прифатени од сите политички партии.
Без злоупотреба на ресурсите на МВР
Токму за гарантирање на таквата цел, во Македонија се очекува да стигне досега најголемата набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР, а деновиве се‘ пофреквентни стануваат средби со нивни претставници. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, завчера се сретна со Џеф Голдстајн, заменик шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, на која се разговарало за неопходноста од одржување фер и демократски избори.
„Спасовски рече дека нема да дозволи МВР да биде злоупотребено ниту преку користење на човечки ресурси, ниту на технички ресурси, како што тоа беше случај на претходните избори. Заменик- шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џеф Голдстајн се согласи дека не смее да има никаква злоупотреба на ресурсите на МВР и понуди помош доколку тоа биде потребно“, соопшти МВР.
Спасовски вчера именуваше нови раководители на 7 сектори и на 4 оддели во МВР.
„Тоа го направив со единствена задача МВР до изборите да функционира нормално“, изјави министерот за внатрешни работи.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев, на истата тема вчера разговарал со шефицата на германската делегација во Парламентарното собрание на ОБСЕ, Дорис Барнет.
„Кризата кулминираше поради криминално спроведени и одржани избори, што се покажа дека се случувало и повеќе изборни циклуси наназад и таа може да се реши единствено на фер и демократски избори. Само регуларни избори се опција за нормализација на Македонија“, изјавил Заев на средбата.
За важноста од јакнење на демократските вредности и стандарди ќе се зборува и денес, на отворањето на петнаесеттата есенска сесија на ПС на ОБСЕ, чиј домаќин до 2-ри октомври е Собранието на Република Македонија.
„Со оглед дека една од главните цели на Парламентарното Собрание на ОБСЕ е поддршка во јакнење и консолидација на демократските институции во земјите учеснички, а имајќи ги предвид актуелните политички и правните проблеми со кои се соочува Македонија, за нас како пратеници е уште поголем предизвик да бидеме домаќини на оваа есенска сесија“, рече потпретседателката на Собранието, Рената Дескоска.