DW: Еврокомесарот Хан наскоро во Скопје?

Сподели

Дали се почитува Договорот од 20-ти јули, каква состојба им претходи на изборите и дали се спроведуваат реформите, се дел од темите за кои еврокомесарот Хан ќе разговара со лидерската четворка кон средината на месецов

przino

Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, кон средината на месецов, најверојатно на 14 октомври, доаѓа во Скопје, тврдат за Дојче веле неофицијално дипломатски извори. Темите за кои еврокомесарот ќе разговара со лидерската четворка се актуелни – дали се почитува Договорот од 20-ти јули, каква е состојбата што им претходи на изборите, постојат ли опасности за опструкција на изборниот процес и дали се спроведуваат реформите препорачани од Европската Комисија (ЕК).

Целиот сет теми, е дел од она што ЕК ќе го констатира во годишниот извештај за непредокот на Македонија, кој ќе биде објавен во првата половина од ноември. Според дипломатски извори, нема дилеми дека во него речиси репризно ќе бидат повторени истите забелешки нотирани во ланскиот извештај, што не исклучува и поостри констатации во споредба со претходниот. Но, поради очигледниот застој во процесите и реформите, извесно е дека Македонија повторно ќе се соочи со истата формулација – условена препорака за почеток на преговори за членство.

Ќе има ли избори?

Доколку се потврдат најавите за посетата на еврокомесарот, тој ќе дојде во Македонија во многу фреквентен политички период, во кој доминираат две жешки теми: континуираните опструкции врз Специјалното јавно обвинителство и „флуидноста“ на датумот за распуштање на парламентот: дали ќе биде 60 дена пред изборите, односно на 12-ти октомври како што претходно се најавуваше, или подоцна, поради тоа што пратениците имаат незавршени обврски. Тие треба да го донесат буџетот за 2017 година, за кој според роковите и процедурите расправата ќе потрае и по 12-ти октомври. Пратениците треба да ги усвојат и измените во шестата изборна единица, која сега има повеќе гласачи од законски дозволеното, но работните групи во парламентот до денес сѐ уште немаат постигнато договор за рекомпонирање на изборните единици. Поради сето ова, партиите не ја исклучуваат можноста наместо на 12-ти октомври, Собранието да се распушти во периодот меѓу 20-ти и 25-ти октомври, односно најдоцна 45 дена пред изборите, според скратените рокови кога се во прашање предвремени избори.

„Некои потези, теми и состојби оставаат нејаснотии – дали ќе се пролонгира само рокот за распуштање на парламентот или се создава атмосфера за одложување на изборите“, велат дипломатски избори. Според нив, честото прашање во јавноста – „Ќе има ли избори на 11-ти декември?“, не го сметаат само за кулоарски предизборен „фолклор“, туку за индиција чија фундираност мора да се испита.

Според датумот на кој доаѓа еврокомесарот Хан, најверојатно тоа ќе биде темата на која ќе се посвети клучното внимание. Но, според истите извори, исто толку важна тема ќе биде и „загрижувачкото попречување на ефективноста на СЈО“.

Mazedonien Skopje (DW/P. Stojanovski)

Реакции од гарантите на Договорот

Таа загриженост беше видлива и вчера, откако владејачката ВМРО-ДПМНЕ не даде поддршка за предложените измени на Законот за заштита на сведоци и на Законот за СЈО, по скратена постапка. Иако од ДУИ најавија поддршка за законските измени, на седницата се појавија само дел од пратениците, а и тие гласаа половично, со што поддршката се покажа како фингирана. По ваквиот епилог, Делегацијата на ЕУ во Скопје вчера ги повика четирите најголеми политички партии да ја поддржат работата на СЈО.

„Улогата на СЈО беше договорена од сите партии, како дел од Договорот од Пржино. Сите партии повеќепати се обврзаа да ја поддржат работата на СЈО. ЕУ ги охрабрува сите да дејствуваат во согласност со своите обврски и ја истакнува важноста на отчетноста“, соопшти Делгацијата на ЕУ.

Слична порака стигна и од амбасадата на САД.

„Ги охрабруваме сите партии да се придржуваат до обврските кои ги преземаа со Договорот од Пржино и договорот од 20 јули, а со кои треба да се осигураат веродостојни избори, непречна работа на СЈО и на независните набљудувачи на медиумите. Воспоставување на одговорност за неовластеното прислушување и обвинувањата за злоупотребите од власта, се круцијални за излез од политичката криза во која се наоѓа Македонија. Веруваме дека барањата на СЈО за поддршка на темелна и независна истрага се разумни“, се вели во соопштението.

Реакција стигна и амбасадата на Холандија, во која се потенцира дека „СЈО игра клучна улога во овој процес, за што му е потребна постојана поддршка од сите вклучени страни со цел непречено да ја исполни својата мисија, како што и беше договорено од политичките лидери“.

Текстот во целост прочитајте го тука

dw.com