БУГАРСКИОТ „СЛАВА“ Е ПОБЕДНИК НА ПРВОТО ИЗДАНИЕ НА ФИЛМСКИОТ ФЕСТИВАЛ КИНЕНОВА

Сподели

kinenova

Чесноста, автентичноста и раскажувањето на локална приказна која досегнува универзално значење се карактеристиките поради кои жирито на новиот Меѓународен филмски фестивал Киненова го награди бугарскиот филм „Слава“ со признанието најдобар филм. Филмот, во режија на Кристина Грозена и Петар Валчанов го освои жирито составено од Разван Радулеску, претcедател, и членови Мира Фурлан, Мето Јовановски и Галина Тонева.

За најдобар режисер и најдобро сценарио е избран Огњен Главоњиќ од Србија за филмот „Длабочини 2“. Образложението на жирито е за неговиот радикален пристап, за неговата храброст и трпеливост да следи многу осетлива приказна така што ќе избегнува и сентиментализам и пропаганда, и за главното достигнување да го присили гледачот да ѝ погледне на вистината в лице.

Жирито за краток и анимиран филм во состав Мануела Чернат, Дејан Дабиќ и Вардан Тозија, одлучија наградата да ја добие „Смоква“ на Никос Коловос од Шведска, за искрената слатко-горчлива приказна за љубов и посветеност, суптилната поема за свет што полека исчезнува.

Специјално признание доби Али Мардоми од Иран за филмот „Луѓе од гробиштата“, а за најдобар анимиран филм беше награден „Кружно патување на Марето“ од Жарко Иванов, посветен на славните пионери на филмот на Балканот, браќата Манаки.

Во рамки на фестивалот се одржа и работилница за развој на сценарија со Џон Стивенс, скрипт доктор и сценарист од Америка. За најдобро беше избрано сценариото на студентот Андреј Ѓоргиев насловено „Имигранти“. Стивенс за време на доделувањето на наградата рече дека кога би можел, би им дал награда на сите, и дека се радува што се повеќе се истакнуваат младите таленти.

„Нам ни требаат овие млади сценаристи, тие се вреден дел од иднината на уметноста којашто вечерва сите ја славиме. Треба да направиме се за да ги охрабриме новите филмаџии, сите оние кои имаат страст за филмот и кои сакаат да имаат успешна професионална кариера. Според мене, им должиме на овие млади луѓе да ги охрабриме. Тоа значи да им бидеме учители и ментори, и се надевам дека многу брзо тие нас ќе не допрат, ќе не забавуваат со нивната уметност и визија“, рече тој.

КинеНова е независен фестивал чиј селектор на главната програма е филмската критичарка Марина Костова, а директор е режисерот и продуцент Небојша Јовановиќ.

radiomof.mk