ОТВОРИ, ОТВОРИ, ОТВОРИ… – ЕРОЛ РИЗАОВ

Сподели

erol

Не ми излегува од глава глетката што се случи во пресрет на празникот на ВМРО кога јавната обвинителката Катица Јанева викаше на сиот глас пред затворените врати на МВР: „Отвори, отвори, отвори….“, мене тоа ми изгледаше како привидение, ме полазија морници, оти тоа не беше филмска сцена пред порти на жандармерија во темниот вилает, туку Македонија во живо.

Додека со адмирација и симната капа ја гледав оваа храбра жена, која со својот тим е последната надеж дека и недопирливите ќе се соочат со законот и со правдата, првата помисла ми беше ова е врв на ароганцијата, примитивизмот и провинционализмот. Видовме уште една јавна демонстрација во низата на невидена некултура и простотилак. А, што друго може човек да помисли кога на обвинител со судска наредба во рацете му е тресната вратата пред нос од партиски функционери кои за десет години неконтролирано владеење ја претворија МВР во ВМРО-ДПМНЕ. Можете ли да се потсетите кога низ историјата се формираат партиски полиции.

Конечно, портите се отворија и Катица Јанева влезе внатре. Не знам кој ја издаде таа наредба, но сигурно дека телевизиските камери, стравот дека се спречува судска наредба и истрага за големи злодела, а можеби заѕвонил и некој црвен телефон, некого освестиле дека за ова се оди во затвор. Допрва, една по една, сите порти ќе се отвораат зад кои се крие вистината за најголемото нарушување на човековите права по прогласување на независноста на Македонија со повеќегодишно незаконско прислушување и ставање под надзор и контрола на комуникациите на илјадници граѓани и јавни личности.

katica-vo-ubk

Станува се’ поочигледно дека и нарачателите на прислушувањето биле прислушувани и дека уште слушаат незаконски. Тоа ако помине неразјаснето и забошотено со победа на изборите, како што проповеда и се надева поранешниот премиер Никола Груевски и како што упати апел актуелниот премиер Емил Димитриев во неговиот празничен говор, дека не се важни обвинителставата и истрагите и судовите, туку само гласот и пресудата на народот, тогаш тоа ќе биде и официјално обзнанено со исклучување на апаратите за вештачко одржување во живот на парламентарниот повеќепартиски општествено-политички систем и целосно уривање на конституционалните темели на државата во која цела деценија нема поделба на власта според Уставот , туку апсолутно владеење на неколку луѓе кои се над законите и над Уставот. Тие злодела не застаруваат, како што не застаруваат ни делата на злосторничките здруженија за изборни нерегуларности и повеќе видови на организиран криминал. Знаете, организиран криминал е кога тие што треба да ве бранат од криминалците се главни носители на корупцијата и злоупотребата на своите функции и овластувања за незаконско стекнување имот и оштетување на државата.

Затворените врати за судот и обвинителството многу кажуваат не само кој бега од истрагата и правдата и кој е уплашен да не излезе на виделина не само она во што многумина кои мислат со своја глава одамна се сомневаат и за што веќе има докази, туку нешто и многу покрупно и пострашно. Операцијата во мозокот на тајната полиција ги изненади најмногу тие што мислеа дека се’ е избришано и дека таму не може да влезе никој што не е партиски подобен и од највисоките ешалони на власта. Судската наредба предизвика шок кај властодржците, па немаа друго чаре освен безочно и јавно да манипулираат со јавноста и да ги затворат портите за правдата, попречувајќи ја да влезе на местото на злосторството. Тие уште не знаат дека кога ќе се затворат вратите правдата влегува низ прозорец. Ако се затворат и пенџерињата правдата ќе стаса преку оџакот… има многу патишта да стаса вистината до вистинскиот суд и судија.
Текстот во целост прочитајте го тука

erizaov.mk