Илјадници граѓани на Њујорк на протестите против Трамп

Сподели

На протестите излегоа многу познати личности, меѓу кои и актерите Роберт де Ниро, Мариса Томеј, Сали Филд, Алек Болдвин, Марк Рафало, Синтија Никсон, потоа Шер и Натали Мерчант

Илјадници граѓани излегоа синоќа на улиците на Њујорк во знак на несогласување со политиката што ја претставува Доналд Трамп, кој денес во 18 часот станува 45. претседател на САД, јавува Anadolu Agency (AA).

Протестот е одржан пред хотелот „Трамп интернејшенал“, во исто време кога Трамп го држеше последниот говор како обичен граѓанин на САД, пред споменикот на Абрахам Линколн во Вашингтон.

На протестите излегоа многу познати личности, меѓу кои и актерите Роберт де Ниро, Мариса Томеј, Сали Филд, Алек Болдвин, Марк Рафало, Синтија Никсон, потоа Шер и Натали Мерчант.

Поддршка на протестите даде и градоначалникот на Њујорк, Билде Бласио и градоначалничката на Минеаполис, Бетси Хоџис.

Доналд Трамп, кој за американски претседател е избран на 8 ноември минатата година, денес со свечено полагање заклетва официјално ќе стане нов американски претседател.

Веќе неколку недели траат подготовките за инаугурација на Доналд Трамп, за која се претпоставува дека ќе бидат потрошени 200 милиони долари, а ќе трае три дена.

Освен моменталниот претседател Барак Обама и неговото семејство, на полагањето заклетва ќе присуствуваат и голем број истакнати личности од светот на политиката и културата. Се очекува на церемонијата што ќе се одржи во дворот на зградата на Конгресот и парадата што ќе следува потоа да присуствуваат околу 900.000 Американци, поради што се преземени дополнителни строги безбедносни мерки.

Церемонијата на инаугурација со мали измени се организира од 1789 година, кога првиот претседател на САД, Џорџ Вашингтон положи заклетва во Њујорк.

Вашингтон од 1800 година е главен град на САД, а во него прв положи заклетва Томас Џеферсон.

Церемонијата на полагање заклетва во дворот на американскиот Конгрес во Вашингтон се организира од 1817 година, кога на власт дојде Џејмс Монро.

Досега само шестмина претседатели положија заклетва надвор од Вашингтон. Четворица претседатели починаа за време на функцијата, при што потпретседателите положија заклетва во градовите каде што се наоѓаа.