Турската амбасада го појасни откажувањето на договорот за дипломите со РМ

Сподели

Амбасадата на Република Турција во Македонија денеска соопшти дека договорот за признавање на дипломи и уверенија за високо образование помеѓу Турција и Македонија е откажан поради несогласност со критериумите за признавање и еквивалентност според важечките стандарди, како и дека ќе се одвива во рамки на меѓународните договори, чии потписнички се и двете земји, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Договорот за признавање на уверенија и дипломи од високо, додипломско, постдипломско и докторско ниво, издадени во Република Турција и Република Македонија, потпишан меѓу нашата земја и Македонија на датум 06.06.1998, е откажан во согласност со барањето на Советот за високо образование (ЈОК), поради несогласност со критериумите за признавање и еквивалентност според важечките стандарди”, пишува во соопштението од Амбасадата на Турција во Македонија.

„Покрај тоа, нема да има промени во процедурите за еквиваленција, а ова прашање ќе се одвива во рамките на меѓународните договори кои се однесуваат на ова прашање, чии потписнички се и двете земји”, се наведува во соопштението.