Во регионот расте бројот на заболени од карцином

Сподели

Под слоганoт „Ние можеме, јас можам” денеска во Македонија се одбележува Светскиот ден за борба против карциномот (ракот) и се повикува на активно вклучување на поединците, заедницата, и надлежните институции со цел превенција и намалување на последиците од појавата на карциномите.

 Податоците на анализата на Anadolu Agency(AA), за заболувањето од рак, покажуваат дека бројката на лица заболени од оваа болест на регинално ниво е во пораст.

Со цел подигнување на свеста за борбата против ракот во Македонија постојат бројни кампањи, но најголем дел од нив се однесуваат на борбата против ракот на матката.

Од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ по повод Светскиот ден на борбата против карциномот соопштуваат дека смртноста од ракот на грлото на матката во Р. Македонија бележи пораст во периодот од 2011 до 2014 година.

 „Во 2011 година стапката на смртноста изнесува 1,5 на 100.000 жени, додека во 2014 изнесува 4,1 на 100.000 жени, и покрај тоа што овој вид на карцином може навремено да се открие и излекува”, се вели во соопштението.

Во јули минатата година во Скопје беше презентиран светскиот регистар за канцер „Глобокан“ според кој во Македонија на 100.000 жители 141 е пациент кој има рак.

На Клиниката за онкологија и радиотерапија во Скопје,во 2015 година биле регистрирани 5.000 нови случаи, а во оваа бројка не влегуваат карциномите кај децата и болните од леукемија.

Според груба проценка, направена од невладиниот сектор, дневно има по 12 до 14 нови случаи на болни од рак. Според проекциите на „Глобокан“, пак, во Македонија има околу 7.200 нови пациенти со рак.

Според програмата за организиран скрининг на карцином на грло на матка за 2017 година во Македонија се предвидува 15.000 жени да бидат поканети на организиран скрининг на ракот на грлото на матката. Скринингот има клучна улога во намалувањето од смртноста на тоа заболување.

Една од целите на кампањата за Светскиот ден за борба против карциномот во 2017 година е обезбедување универзален пристап до здравствените услуги, поврзани со карциномот.

– Косово: Бројката на болни од рак во пораст

Бројот на заболени од канцер во Косово е во пораст, но и понатаму е помал отколку во земјите од регионот.

Др. Екрем Хисени, директор на Онкологија во Универзитетско клиничкиот центар на Косово во изјава за Anadolu Agency (AA) истакнува дека на Косово бројот на пациентите од рак е зголемен за околу 50 проценти, но дека тоа повеќе има врска со подоброто известување отколку со бројот на заболени.

Во 2015. година на Косово се забележени околу 808 заболени од канцер, додека во 2016 имаше 1238 заболени. Овој раст покажува дека имало повеќе пријавувања, отколку што е реален порастот, вели Хисени.

Според неговите зборови, бројот на болните од рак на Косово е помал во споредба со земјите во регионот, а за тоа придонесува младоста на косовските жители.

Онкологот Хисени наведува дека на Косово најраспространет е ракот на дојката, градите и дебелото црево. Тој напоменува дека сеуште не се откриени точни причини за настанување на ракот, но дека сигурно се знае дека влијае консумирањето на цигари, алкохол, стрес и физичката неактивност.

Истакнувајќи дека во наредните 10 години не предвидува намалување на случаевите оболени од рак, Хисени на граѓаните сепак им порачува дека нема место за загриженост и дека со водење здрав живот можат да се намалат шансите за добивање канцер.

– Албанија: Годишно се регистрираат по 100 нови случаи на рак 

Според официјалните податоци на национално ниво, од регистарот на Службата на Онкологија при Универзитетскиот болнчки центар “Мајка Тереза” во Тирана и делумно од болнички досиеја и службите на патологија во области, во Албанија се соочуваат околу 3,‎500- 3600 нови случаи на рак годишно.

Како во светот, така и во Албанија ракот распространет во многу видови, додека во Албанија се регистрираат нови случаи секоја година.

Според официјалните податоци од Институтот за јавно здравје, во Албанија се регистрираат 100 нови случаи на годишно ниво со рак на матката.

– СЗО: Во светот умираат околу 9 милиони заболени од рак

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека денес близу 9 милиони луѓе во светот умираат секоја година од рак, повеќето откриен во веќе подоцнежна фаза

„Годишно во светот умираат 8,8 милиони луѓе од рак, особено во земји со среден до низок приход”, известуваат од СЗО, а како дека една од главните причини за тоа е задоцнето дијагностицирање на пациентите.

Според Светската декларација за карцином, секоја држава треба да обезбеди универзален пристап за населението до скрининг методите за рана детекција на карциномите, вклучувајќи го и карциномот на ракот на грлото на матката. Со воведување на овие методи значително се намалува стапката на смртност од карциномите.