Зврлевски: Нелегалното следење на комуникациите доведе до голема општествена криза

Сподели

Нелегалното следење на комуникациите доведе до голема општествена криза во Република Македонија, но ова не е прв пат системите за следење на комуникациите да бидат злоупотребени во земјава. Ова го истакна обвинителот, Марко Зврлевски на денешната конференција „Следење на комуникации – законска рамка и искуства, улогата на јавниот обвинител“ која денеска се одржа во Скопје.

„Системите за следење на комуникациите како средство се користат и се злоупотребуваат и од други земји. Токму поради тоа улогата на јавните обвинители треба да стане поизразена, со цел да се намалат ваквите злоупотреби“, рече Зврлевски.

 Токму поради овие причини, истакна Зврлевски, потребно е измена на законското решение за следење на комуникациите бидејќи иако е предвидено главниот збор да го има јавниот обвинител, тоа е само на хартија, бидејќи системите за следење на комуникацијата и натаму остануваат единствено во рацете на Министерството за внатрешни работи.

Во законските измени којшто ги предлага и меѓународната заедница треба да се воведат силни контролни механизми на употребата на средствата за следење на комуникациите, додаде Зврлевски

На меѓународната конференција присуствуваат јавни обвинители и нивни заменици од Албанија, Косово, Русија, Турција, Бугарија, Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина.

извор: 24вести