ВМРО-ДПМНЕ: Пет отсто од собранискиот состав е во притвор

Сподели

Постапките кои што се спроведуваат против уставобранителите се незаконски и правно неосновани.
Република Македонија не е демократска држава. Во Македонија во моментов 5 отсто од целокупниот собраниски состав, односно 12 проценти од опозицијата е во притвор. Тие пратеници се под директна закана со измислено обвинение за тероризам. Ова е обид да се замолкне секаква критичка мисла и со страв да се блокира контролната функција на законодавната власт.

„Дурловски, Јовановски, Дамовски, Илиевски, Божиновска, Чавков и останатите приведени меѓу кои и шесте пратеници не се терористи, туку политички затвореници. Никогаш ниту сториле, ниту имале намера да сторат нешто против сопствената земја. Притворените лица од 27-ми април се жртва на политички прогон. Против нив се води случај без никакви докази и аргументи само заради тоа што имаа храброст гласно да го изразат негодувањето со политиките на власта. Против десетици луѓе беше покренат конструиран случај и беа приведени незаконски, пред очите на своите семејства. Кај овие луѓе кои политички ги прогласија за терористи, полицијата која беше испратена во нивните домови не пронајде ниту едно парче оружје или било каков предмет со кој би можела да се загрози безбедноста. Тоа го докажува апсурдот на обвинението и го дава одговорот на прашањето какви се тие “терористи” чие главно оружје е театарско сценарио, оперско либрето или некоја книга.

Народниот правобранител реагираше на полициската бруталност и непочитување на законите при притворање на уставобранителите. Основното јавно обвинителство и судот молчат за овој срам.
Демократијата, правната држава и владеењето на правото мора да се вратат во Македонија. Судот треба да биде гарант на законитоста во постапките и е должен за се издигне над притисокот. Интелектуалците не смее да бидат жртви на институционално, политичко насилство во обид да се заплаши и пасивизира македонскиот народ.

На Република Македонија и е потребно владеење на правото и општествено помирување, а не генеза на омраза преку злоупотреба на институциите“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.