Ратификуван е Договорот за добрососедство со Бугарија

Сподели

Со 61 глас „за“ и еден воздржан Собранието на Република Македонија го ратификуваше Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Воздржан беше независниот пратеник Ферид Мухиќ, кој пред гласање најави дека ќе гласа воздржано.

Зборувајќи во име на предлагачот, Владата на Република Македонија, министерот за надворешни работи, Никола Димитров ги повика пратениците да гласаат за ратификација на Договорот бидејќи, како што рече, треба да се влијае на иднината и да се создаваат пријатели.

– Денес ќе направиме важна работа ако ја поддржите ратификацијата. Во државите во нашиот регион, кој е многу оптоварен со историја, историјата е многу важна, но на неа не може да делуваме, можеме на иднината. Добро е што и двете држави решивме да излеземе од сигурноста на рововите. Убаво е со соседите да се однесуваме како со еднакви, да создаваме пријатели – рече Димитров.

Шефот на македонската дипломатија изрази жалење што во салата не се пратениците на опозицијата и рече дека и тие требало да бидат присутни на гласањето, затоа што владеењето на ВМРО-ДПМНЕ довело до тоа другата страна да бара некои работи.

– За жал немавме сили во формата на политичката организација на општеството, мислам на опозицијата.Ќе беше добро да беа тука и да го поддржеа овој договор. Се надевам ќе најдат сила да бидат тука за битни перспективи, особено што договорот произлезе од политика што ги донесе до атмосфера другата страна да инсистира да се потпише ваков договор – рече министерот за надворешни работи.