Во Кривичниот суд за денеска се закажани рочишта за предметите на СЈО, „Труст“ и „Тенк“.
На рочиштето за „Тенк“ треба да бидат слушани цедеата, како и да бидат сослушани тројца сведоци на обвинението и да се презентираат и другите материјални докази. Во предметот „Тенк“ на СЈО обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски, за набавката на луксузниот „мерцедес“ од 600 илјади евра.
Судско рочиште треба да се одржи и за предметот „Труст“ во кој првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ, за учество на тендер на Електрани на Македонија. Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.