Договорот ќе се потпишува утре, денеска се гласа доверба на владата на Ципрас

Сподели

Во текот на утрешниот ден, недела, 17 јуни, во регионот на Преспа, на територија на Грција во засега непознат термин, ќе се одржи церемонијата на која, како што соопшти македонската влада, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров и министерот за надворешни работи на  Грција, Никос Коѕиас ќе го потпишат договорот за  решавање на македонско – грчкиот спор за името. По потпишувањето на документот, кој го носи името „Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817  (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните“,  на македонска територија ќе се одржи средба и ручек на претставниците на двете влади.

На утрешниот настан на кој ќе се потпише Спогодбата ќе присуствуваат премиерите на двете земји, Зоран Заев и Алексис Ципрас.

Владата го усвои овој договор на попладневната седница во четвртокот, а потоа ја симна тајноста и го објави на својот веб сајт.

Во грчкиот парламент, пак, денеска  пред 10 часот по локално време почна третиот дел по поднесеното барање од Нова демократија за гласање недоверба на Владата.  Главната тема на 16-часовната дискусија на пратениците вчера беше Конечната спогодба  со Македонија. Притоа пратеникот на ултра-десничарската партија „Златна зора“ Констанинос Барбарусис ја повика армијата да изврши воен удари поради „предавничката“ политика на владата на Ципрас.
Партијата „Златна зора“ ги осуди коментарите на нивниот пратеник и го исклучи од партијата. Исто така, на Златна зора и е забрането да учествува во продолжението на собраниската дебата.

Денеска покрај дискусијата, се очекува да се обратат лидерите на политичките партии и грчкиот премиер, а седницата ќе заврши со гласање недоверба.  Како што јави МИА, според досега изнесените ставови, не се очекуваат изненадувања. Пратениците на СИРИЗА и Независни Грци ќе гласаат против предлогот на Нова демократија, а Владата ќе добие доверба да продолжи да ја води Грција.

Грчките медиуми сензационално објавуваат дека во  текот на денешната расправа министерот за надворешни работи, Никос Коѕијас ќе презентира документи од грчкото МНР за преговорите со Македонија за името во минатото.
Договорот што ќе се потпише утре предвидува големи промени:

  • Двете страни ја потврдуваат постоечката граница меѓу нив како трајна меѓународна граница и ја потврдуваат својата желба за заемно пријателство, добрососедство и партнерство, како и решеноста да не преземаат и да не поддржуваат какви било непријателски чекори кон другата земја.
  • Официјалното име на Република Македонија ќе биде „Република Северна Македонија“, и тоа ќе се употребува ерга омнес. Скратеното име ќе биде „Северна Македонија“.
  • Државјанството ќе биде „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“.
  • Официјалниот јазик ќе биде „македонски јазик“, како што е признаено на Третата Конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 година, но како јазик од групата на јужнословенските јазици и воопшто неповрзан со античката елинска цивилизација и култура.
  • Кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна ќе биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО).
  • Придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции ќе биде „на Република Северна Македонија“ или „ на Северна Македонија“. Приватните лица и тела кои не се поврзани со државата и јавните институции и органи и не добиваат финансиска поддршка од државата за активности надвор од државата, можат да ги користат придавките изведени од зборот „Македонија“, но со јасна напомена дека тие придавки воопшто не се однесуваат на древна Македонија и на она што Грција го подразбира како македонски дел од своето историско наследство.
  • Македонија ќе го смени Уставот за да го промени името во Република Северна Македонија и да ги внесе погоре наведените промени.
  • Спогодбата подразбира македонското Собрание набргу да ја ратификува Спогодбата и за тоа да ја извести Грција, а потоа, според текстот, во Македонија може, но не мора, да се организира референдум.
  • Уставните промени преку амандмани мора да се направат до крајот на годинава. Откако тоа ќе се случи, Спогодбата треба да биде ратификувана и од грчкиот парламент.
  • Грција, откако ќе биде известена дека Македонија ја  ратификувала спогобата, ќе го извести Претседателот на Советот на Европската Унија дека дава поддршка за почеток на преговори за членство на Македонија, но под името Република Северна Македонија.
  • Истовремено, ќе го извести Генералниот секретар на НАТО дека дава поддршка НАТО да ѝ упати покана за пристапување на земјава под новото име, но конечната поддршка ќе зависи од исходот на референдумот, ако се организира, и од уставните измени, а ако референдумот го потврди новото име и амандманите на Уставот се додадени, Грција ќе го  ратификува Протоколот за пристапување на нашата држава под новото име во НАТО, а таа ратификација во грчкиот парламент ќе се направи паралелно со ратификацијата на Спогодбата што ќе се потпишува утре.