Во понеделник од печат ќе излезе нова книга од работилницата на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ.
Се работи за „Филмски клуб“ од канадскиот писател Дејвид Гилмор, кој преку (авто)биографска приказна, на суптилен начин, ги поврзува книжевноста и филмот. „Филмски клуб“е прекрасно понирање во внатрешноста на човековата личност преку Седмата уметност, како пријатен муабет меѓу двајца стари пријатели. Ова е совршено четиво за летниот период, супер разбирливо и читливо, а истовремено доволно провокативно за да ве остави будни. Преводот од англиски јазик е на Ацо Пероски, дизајнот на корицата го изработи Марија Смилевска, а излегувањето на книгата финансиски е поддржано од Канадскиот совет за уметности.
Дејвид Гилмор (1949) е роден и живее во Канада. Работел како филмски критичар и новинар, подоцна почнал да пишува и романи, а денес е професор на Универзитетот во Торонто. Голем дел од кариерата на Гилмор се потпира врз неговите телевизиски емисии и написи во списанија посветени на филмската уметност и важи за еден од водечките канадски експерти за филм. Но, тој е многу успешен и како писател. Своите први романи ги објавува уште во осумдесеттите години на минатиот век, а голем успех постигнал со Совршена ноќ за патување во Кина (2005) и Совршениот поредок на нештата (2011). Сепак, негово најпознато дело е мемоарската книга Филмски клуб (2007), која важи за бестселер и е преведена на десетина светски јазици.
Одгласи за книгата:
„Приказна за татко и син во 117 филмови. Прекрасен приказ како момчињата созреваат во мажи“. Гардијан
„Ова е книга за филмовите и за тоа како тие можат да го обликуваат нашиот живот. Исто така, ова е книга за родителството и за тоа колку многу влијаеме врз животите на нашите деца“. Буклист
„Доколку сакаш да созрееш, освен секојдневното животно искуство, сосема препушти и’ се на Седмата уметност, таа може да те однесе на неверојатни места. Токму тоа и го прават двата главни лика во оваа прекрасна книга. Гледајте филмови, можеби ќе ви го сменат животот!“ Игор Анѓелков