Од денеска стартува новиот летен режим на одвивање на сообраќајот во Охрид.
Со новиот систем пристап до Стариот дел на градот ќе имаат само граѓаните што имаат обезбедено електронски картички за влез, со влез преку поминување низ рампите поставени кај Градската пошта, кај споменикот „Фаќач на крст” и кај црквата Света Богородица Каменско.
Со новиот принцип на уредување на сообраќајот ќе профункционира и „премиум зоната” за паркирање во самиот центар на Охрид, каде час паркирање чини сто денари.
Наспроти поштата е поставен системот за функционирање на рампите, со видео-надзор на ситуацијата кај Горна порта и кај Каменско, како и физичко присуство на лица вработени во Јавното претпријатие „Билјанини извори” што стопанисува со паркиралиштата во градот, со цел да се излезе во пресрет на граѓаните. Жителите на Стар град кои очекуваат гости ќе треба списокот гости да го достават во центарот кај премиум зоната за да им биде овозможен пристап, а без тоа нема да можат со возила да влезат во тој дел од градот.
Испорака на роба во во тој дел на градот ќе може да се врши во врменескиот период од 5 до 10 часот, со тоа што и економските оператори што вршат достава на стока во овој дел ќе мора да обезбедат картички. Секој ден во временскиот период од 19 до 5 часот на улиците „Цар Самоил” и „Коста Абраш” ќе има целосна забрана за сообраќај, а целиот сообраќај ќе се одвива преку Горна порта и исклучниот пат за црква „Каменско”.
Од општина Охрид најавија и дека ќе бидат испечатени и дистрибуирани флаери со детални упатства заради појаснување на процедурата.