Пругата кон Албанија ќе поскапи за 100 милиони евра ако се препроектира

Сподели

 

Работната група за постапување по забелешките на УНЕСКО во моментов работи на предлог – решенија за железничкото поврзување меѓу Македонија и Албанија. Од владата за „Мета.мк“ информираат дека финалното решение околу трасата на пругата Кичево – Лин ќе биде усогласено со препораките на УНЕСКО.

– Во предлог – решенијата се инкорпорирани еколошките мерки кои треба да се преземат и меѓународни еколошки стандарди кои треба да се исполнат, со цел да се обезбеди заштита на Охридското езеро како светско природно и културно наследство. Од тие причини, самиот процес на анализа на можните решенија е детален и опфаќа повеќе опции од кои заедно со УНЕСКО ќе биде избрана опцијата која ќе биде од еколошки, финансиски и економски аспект најповолна – велат од владата.

На предлог – решенијата по забелешките на УНЕСКО за пругата кон Албанија во моментов работат од Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници, Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина и просторно планирање и други институции.

И покрај директниот предлог од УНЕСКО за изградба на алтернативен тунел од Струга до албанскиот град Прењас под планината Јабланица што би значел менување на постојната траса, од владата посочуваат дека дополнителното препроектирање ќе ја поскапи изградбата на пругата Кичево – Лин, но и ќе има потреба од склучување дополнителни меѓународни договори за доопределување на идната траса.

– Првичните проекции се дека за препроектирање на новата траса, цената за изградбата би се зголемила за околу 20 отсто од сегашната проектирана цена, односно дополнителни над 100 милиони евра. Дополнително, самата изградба би се одложила за значителен временски период што би резултирало и со дополнителни трошоци и нефункционален железнички Коридор 8 – посочуваат од владата.

Актуелната проектирана вредност на пругата Кичево – Лин изнесува 500 милиони евра. Трасата долга 63 километри за УНЕСКО е спорна во делот меѓу Струга и македонско – албанската граница, бидејќи кај селото Радожда минува долж крајбрежјето на Охридското езеро. Според точката 7 од конечната одлука на Комитетот на УНЕСКО, пругата што би минува по крајбрежјето ќе влијае врз исклучителната универзална вредност на езерото.

Предлог – решенијата за идната траса на железничкото поврзување со Албанија треба да бидат доставени до владата најдоцна до 15 јануари 2020 година. Владата пак до февруари 2020 година треба да го достави Извештајот до УНЕСКО за реализираниот напредок по дадените препораки, којшто ќе се разгледа на следната сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО.

мета.мк