Продолжува соработката меѓу ЈУ Национален парк Галичица и Фондот за природа Преспа – Охрид (ПОНТ), која што започна минатата година. Деновиве беше потпишан нов договор вреден 178.000 евра, со кој овој фонд е предвидено да финансира дел од трошоците за 2020 година за тековно работење на јавната установа што управува со Националниот парк „Галичица“.
Станува збор за иновативен пристап во финансирањето и работењето на заштитените подрачја, за што Фондот за природа Преспа – Охрид минатата година беше избран како победник на наградата „Pathfinder“, која што се доделува за извонредни и инвентивни решенија за заштитените подрачја.
Покрај финансиската поддршка наменета за ЈУ Национален парк Галичица, овој фонд догодина ќе финансира активности што ќе се реализираат на територијата на Националниот парк „Галичица“ од страна на други организации.
Главната цел на финансиската поддршка е на подолг рок да се извршат промени во управувањето со Националниот парк „Галичица“. Наместо досегашното искористување на природните ресурси на паркот, кои подразбираат сеча на дрва за финансирање на работењето на ЈУ Национален парк Галичица, во иднина изворите на финансирање би довеле до заштита на природата.
Покрај странската финансиска поддршка, јавната установа веќе се финансира од наплата на билети за влез во паркот, додека преку изведба на велосипедски и планинарски патеки би се развил планинарскиот туризам што ќе донесе дополнителен број на посетители на Националниот парк „Галичица“.