Младите во Албанија заробени во сопствената татковина – Јона Копренцка

Сподели

 

Сега младите сакаат што е можно побрзо да ја напуштат својата земја. Тие веќе не се чувствуваат застапени и го изгубија чувството на припадност.

  Јона Копренцка

Се вели дека младите се иднината на една нација. Видовме многу случаи каде младите работеа напорно и ја градеа својата земја, донесоа иновации и ги соборија тоталитарните режими. Ова се случи и во Албанија во 1990-тите години, кога студентите ја срушија бистата на диктаторот и ја донесоа демократијата во земјата. Сега младите сакаат што е можно побрзо да ја напуштат својата земја и го изгубија чувството на припадност.

Причини за емиграција

Причините зошто поединецот бара да емигрира / да ја напушти својата земја се многубројни. Почнувајќи од економски, социјални, политички, образовни причини, како и недостатокот на застапеност во заедницата. Од многу причини, младите се возрасна група која емиграцијата ја гледа како најлесно и најбрзо решение во споредба со возрасните. Прво, заради психолошкиот фактор, бидејќи еден млад човек е поподготвен да направи драстични промени отколку еден возрасен човек кој треба да размислува за семејството и кариерата. Додека, пак, на постарите им е уште потешко да се иселат поради семејните врски или здравствената состојба. Во текот на историјата најголемите емиграции биле поврзани со политички, социјални и економски каузи.

Албанија се соочи со два големи бранови на емиграција. Првиот бран се совпадна со распадот на диктатурата во 1990 година, кога стотици илјади луѓе се најдоа пред вратите на странските амбасади во Тирана при што побараа помош од странски официјални претставници. Минатото под комунистичка диктатура беше толку сурово, така што заминувањето се сметаше за спас. Но, емиграцијата по 2010 година се разликува во структурата. Повеќе не станува збор само за емиграција од политички причини, туку од социјални и економски причини.

Невработеноста и „одливот на мозоци

Корупцијата, борбата за власт, деспотизмот, централизацијата на власта, невработеноста, недостатокот на социјален живот, направија повторно да се бара алтернатива за еден подобар живот. Сега формите на емиграцијата се различни. Многу млади Албанци избираат да се образуваат на европските универзитети, со цел да имаат предност за добивање дозвола за престој и следствено на тоа да не се враќаат назад. Во 2019 година е забележана најниската квота за запишување на студенти. Ниту еден од универзитетите не успеа да ги исполни предвидените квоти за оваа академска 2019/2020 година.

Најпроблематична е состојбата на Универзитетот во Елбасан „Александер Џувани“, каде што некои насоки се затворени, бидејќи немаше регистрирани студенти. Најпосакувани насоки се: економија и медицински сестри, ова поради пазарот на трудот надвор од Албанија. Како резултат на нерегистрирање на нови студенти и затворањето на некои насоки, намален е бројот на part- time наставници кои секоја година се вработуваа со едногодишен договор за работа. 

Според една анкета на германската фондација „Фридрих Еберт“ за Образованието на младите во Југоисточна Европа, 285 илјади Албанци планираат да ја напуштат земјата во следните години, а повеќето од нив се млади. Податоците на Светска Банка покажуваат дека во текот на периодот 2011-2015 година – емигрирале 91,750 лица. Тренд на зголемување во последните години во Албанија е заминувањето на албанските бели мантили (лекари и медицински сестри) во Германската држава. Причина за овие движења се тешките услови за работа, ниските плати и невработеноста. Поради оваа состојба, едно од најважните одделенија за педијатрија има недостиг на персонал од речиси 30%. Професори, инженери, техничари, адвокати, архитекти, исто така, заминуваат уморни од политичката нестабилност и социјалниот живот.

(Не)квалитетот на живот како одлучувачки фактор за емиграција

Потребата за работа, барање и обезбедување место во општеството го придружува човекот во поголемиот дел од неговиот живот. Една од задачите на владата е да интервенира со активни политики за олеснување на овој процес, но политичкиот живот во земјата е фокусиран главно на реплики меѓу власта и опозицијата, оставајќи ги во заборав политиките за вработување на младите, како и социјалниот и културниот живот.

Mladite vo Albanija zarobeni vo sopstvenata tatkovinaИзвор: europeanwesternbalkans.com

Албанија е опкружена со земји со слични политички и социјални проблеми и настани. Да живееш во еден депресивен регион, кој се карактеризира со ниско ниво на економска активност и висока невработеност, секогаш е поттик за иселување. И недостатокот на доверба кај внатрешните институции и чувството на недостаток на застапеност од страна на институциите на локалната и централната власт (владата) е уште еден поттик. Црна Гора, Косово, Македонија, земји каде што живее население кое говори албански јазик, исто така, минуваат низ социјални и економски проблеми.

Лошите економски и социјални услови тешко влијаат врз психата на младите

Во ноември 2019 година, 23-годишната Адела Ѓока, му стави крај на својот живот во услови на тешка депресија поради екстремната сиромаштија на нејзиното семејство и неможноста да најде работа. Елона, 24-годишна бивша студентка, е уште една девојка која се најде под стрес поради пазарот на трудот. Во неможност да започне кариера, таа досега работеше во еден кол-центар, со мала плата и во многу лоши работни услови, таа замина од своето родно место со надеж дека школувањето во Тирана ќе и понуди поквалитетен живот. Сега нејзината единствена надеж е да емигрира во некоја од европските земји. Ова се само два од стотиците слични случаи на разочараност, вознемиреност и дури и депресија кај млади лица. 

Други истражувања покажуваат дека дури и кога поединецот е во работен однос, но условите за вработување не се поволни, тој преминува во состојба на вознемиреност, депресија и желба да се пресели во некоја друга држава со поголеми социјални политики.

Минималната плата е во износ од 211 евра (2400 леки), што претставува најниска плата во регионот и во Европската Унија во апсолутна вредност. По завршување на академската 2018-2019 година, околу 60 асистенти (teaching assistants) на Универзитетот Епока, емигрирале во нордиските земји и во Германија. Во овој случај станува збор за одлични студенти кои биле вработени во оваа образовна институција, но желбата за подобар живот ги натерала да прифатат и друга работа, надвор од областа на нивното образование, во странска земја. 

Заробени во сопствената земја

Во овој период на пандемија каде што е ограничено слободното движење, никој не помислува да замине, барем додека не се подобри состојбата. Голем број на граѓани разочарани од мерките преземени од владата или од прекинот на нивната активност или нивниот бизнис, секогаш се споредуваат со мерките преземени од други држави, заклучувајќи дека доколку тие би живееле во некоја друга земја би имале поголема социјално-економска помош од локалните политики на странските земји.

Забележуваме дека квалитетот на животот зазема одлучувачка улога во заминувањето или останувањето во земјата. Во последно време, сè повеќе се зборува за слабиот квалитет на животот што се одвива во земјата. Тргнувајќи од празничната атмосфера – во текот на празниците оваа атмосфера сè повеќе бледнее, најпрвин поради економскиот фактор па сè до песимизмот за една подобра иднина. Градските центри, покрај соодветните украсувања го изгубија празничниот дух. Продавачите и сопствениците на бизниси сместени во центрите на градот за време на празниците, искажуваат загриженост дека опаднала куповната моќ.

Граѓаните не се чувствуваат застапени од нивната држава, како резултат на корупцијата и аферите јавно направени меѓу политичарите. Недостатокот во државните институции, како што се општините, префектурите, министерствата, канцелариите за вработување, судовите, обвинителствата итн., стана толку очигледен што во случајот со земјотресот од 26 ноември 2019 година, најголема помош во номинална вредност, но и во прехрамбени продукти, беше собрана во Фондацијата Фирдеус на Еливис Начи, многу популарен имам, отколку на банкарската сметка што ја стави на располагање Владата.

Секој ден сè повеќе и повеќе граѓани прават споредби меѓу животот што го имаат во земјата, почнувајќи од месечната плата, условите за работа, колку се заштитени од државата кога работат во приватниот сектор, здравството, образованието, безбедноста на храната, викендите и празниците, меѓу нив и граѓаните на Европската Унија.

Со зголемување на барањата за повисок животен стандард, емиграцијата повеќе не е само поради невработеноста. Речиси секој ден стотици луѓе стојат пред главната врата на германската амбасада, барајќи некаква форма на легална емиграција. За една мала земја каква што е Албанија, со 2,8 милиони жители, (население кое сè повеќе се намалува) „одливот на мозоци“ од земјата е навистина голема несреќа. Сепак, економскиот фактор го зазема првото место во причините за иселување. Младите не сметаат дека е разумно да имаат ниски плати со кои не можат да си го дозволат посакуваниот квалитет на животот. Која и да е причината – невработеноста или недостатокот на квалитетен живот, во основа иселувањето ја има истата цел: подобар живот.

respublica.edu.mk