Чифте амам: Изложба на Моника Мотеска „Везење во камен“

Сподели

Изложбата ќе биде поставена од 2 до 22 декември 2020 година во објектот Чифте амам.

Мултимедијалниот проект „Везење во камен“ на Моника Мотеска ги претставува најновите истражувања на уметницата. Проектот е комплексна инсталација која го анимира целиот простор на Чифте амамот, а се состои од неколку независни, но и меѓусебно поврзани визуелни дела во различен медиум, од најкласичните цртежи-слики, преку просторни реди-мејд објектни скулптури/инсталации, па се до видео и звучни дела/инсталации. Мотеска ја покажува својата ликовно-концептуална вештина пред се во класичните форми на визуелно изразување, а потоа и во предизвиците кои ги нудат т.н. ново-медиумски дисциплини, во кои до израз доаѓа вештината за концептуално промислување, за манипулирање на простор, за реинтерпретација на реди мејд објекти и нивно ставање во нова функција, за звукот, движењето, кадрирањето, сензацијата, играта на светло-сенка итн.

Самиот концепт „Везење во камен“ и најголем дел од посебните елементи на изложбата се своевидно враќање на корените, на нејзиниот роден Прилеп, на предметите од фамилијарната куќа, на макотрпната работа на македонскиот народ, на мермерот, на вечната борба помеѓу животот и смртта, за опстојувањето и оставањето трага. Низ рацете на Мотеска сите користени елементи добиваат нов живот, нов призвук, нова димензија, мермерот омекнува, ирисот од гробно цвеќе станува симбол на гордост и повторно радување на убавината и животот, битот на животот одекнува, поставувајќи го прашањето за симболиката на живот или на смрт.
Моника Мотеска е родена во Прилеп, 1971 година. Дипломирала на Факултетот за ликовна уметност – сликарски оддел во Скопје, 1996. Се занимава со сликарство, фотографија, видео и инсталација. Работела на дизајнирање на изложби и промотивни материјали од областа на старата фотографија. Имала 20тина самостојни изложби во земјата и во странство, а учествувала на голем број групни изложби од локален и меѓународен карактер.

Куратор на проектот е Ана Франговска, виш кустос.