Историјата е секогаш подложна на одреден степен на ревизионизам и неопходно е да се преиспитуваат и надградуваат наследените историски наративи, особено кога стануваат достапни нови извори. Но, бришењето и менувањето на историски факти често се користи за политички цели и за градење на нов доминантен наратив кој е подеднакво униформен и некритичен.
Во интервјуто по повод објавувањето на новата биографија за Јосип Броз – Тито: вечниот партизан, германската професорка и историчарка Marie-Janine Calic за белградско Време изјави: “ревизионизмот има друга цел, да направи конечна пресметка со социјализмот како политичка идеологија и општествен поредок. Ова вклучува дистанцирање од Југославија како мултинационална држава. Бидејќи Тито беше поим за сè што е генерално југословенско, тој мора да биде историски и морално девалвиран. Кој го уништува антифашизмот, партизаните и самиот Јосип Броз, ја уништува основата на легитимноста на југословенската држава. Така, ревизионизмот крие суштински политички пораки…”
Оваа изјава делумно го објаснува и историскиот ревизионизам во цела Источна Европа, во смисла на политиката на меморија, (зло)употребата на минатото за политички цели и легитимитет, релативизирањето на фашизмот, злосторствата и колаборационистите, но до некаде ги објаснува и последните изненадувачки изјави од Бугарија во врска со Тито.
Како што посочува Румен Даскалов, дебатата за тоа дали навистина постоел фашизам во Бугарија се разгорува по падот на комунизмот, и како и во другите земји од бившиот Источен Блок таа е насочена кон реваншизам, анти-комунизам и рехабилитација на екстремната десница. Но тоа не значи дека употребата на поимот (монархо) фашизам во комунистичката историографија е непроблематична. Во западната историографија поконкретно се зборува за „фашистички движења во Бугарија“ и одредени групи како Сојузот на бугарските фашисти, Народното социјално движение, Легионари, Бугарска родна заштита, Бугарска орда, Ратничество за напредок на бугарштината, Отец Паисиј. Во таа смисла идеолошките разлики меѓу бугарскиот меѓувоен конзервативизам и фашизам не се сосема јасни. Дејвид Фрејзер кој пишува за третманот на Евреите во Бугарија и Белгија го деконструира до одреден степен митот за спасените Евреи (до крајот на јуни 1943 19,339 од 25,132 софиски Евреи се иселени од градот) и зборува за “native Bulgarian fascists“.
Во чудната опседнатост со Југославија и Тито, од друга страна, се огледува еден двосмислен однос кон нивното сопствено комунистичко минато. Општо познато е дека Тодор Живков е инструмент на советската политика и со оглед на тоа што Советскиот Сојуз во текот на целото негово владеење има тотална политичка, економска и културна доминација, Бугарија станува „синоним за прифаќање и сообразност со советскиот модел.”
За Западна Европа, од друга страна, Тито и СФРЈ се поистоветуваат пред сè, со политиката на неврзаност, анти-сталинизмот и со партизанското движење и улогата на сојузник во Втората Светска Војна. Контрастот помеѓу двете држави е голем – од меѓународниот престиж кој Југославија го ужива од шеесетите години и слободата на движење наспроти релативната изолација на Бугарија во советската орбита; културната и национална плуралност на Југославија и системот на јазични, национални и малцински права наспроти репресивноста на бугарскиот режим кон малцинствата, особено оние од исламска вероисповед и политиката на Тодор Живков на национален/националистички комунизам и „патриотско образование”. Во втората половина на осумдесетите, кога во Југославија има вистинска кулминација и на мејнстрим и на алтернативна културна продукција, во Бугарија Комунистичката Партија се обидува да ги сузбие сите западни музички влијанија, да промовира народна музика и на партискиот конгрес во 1986 година говори против против „денационализација” на музичката средина.
Тој историски наратив бугарскиот поет Христо Радевски во 1968 година го критикува нарекувајќи го марксизам-шовинизам. Според овој марксистички шовинизам, Радевски вели, Бугарите биле и секогаш ќе бидат најголемата нација во целиот свет – можеби само после Русите. Овој особен хибрид на реал-социјализам и фолк национализам кулминира во 1981 година кога Бугарија слави 1300 години од нејзиното постоење, а една од зацртаните цели е “да се претстават бугарските земји како еден од изворите за потеклото и развојот на човечката цивилизација”. Очигледно е дека овој историски наратив е се уште присутен и жив и тешко е да се објасни како опстојува три децении по падот на комунистичкиот режим.
На пример, во рамките на историската Комисија на колегите од Бугарија им беше посочено дека словенската писменост, култура и наследството на Кирил и Методиј не може да се поистоветуваат само со Бугарија бидејќи го споделуваат и други словенски земји како Словачка, Чешка, Хрватска, но тие остануваат цврсто на позициите дека тоа наследство треба да се национализира и покрај спротивставувањата и различните историски толкувања.
За македонските работи
Во Македонија имаме еден друг тип на ревизионизам, односно општествена и политичка амнезија и уништување на институционалната меморија на нашето социјалистичко минато. Деновиве е актуелна веста за реформата на образованието и супериорноста на финскиот образовен модел којшто е пред се познат по неговиот модерниот егалитаризам, високо квалификуваните, високо платени и почитувани наставници, бесплатните оброци за учениците. Во суштината на финскиот образовен модел е идејата дека еднаквоста е од витално значење и за економскиот развој и за општествената добробит, а зад фактот дека Финска ја има една од најниските стапки на детска сиромаштија во светот е развиената социјална држава и јавниот здравствен систем.
Извор: ini.ukim.mk
Тој образовен систем, како што посочуваат самите Финци, не може да се преслика бидејќи образованието е длабоко зависно од општествениот контекст и општествено-политичкиот систем. За нашето образование некогаш да може да го достигне тоа ниво, нашите власти треба прво да размислат за позитивните искуства од социјализмот како силната социјална држава, принципот на солидарноста и еднаквоста, кои не само што беа напуштени туку и комплетно избришани од сферата на јавна и академска интелектуална дебата. Југославија и Финска (и Тито и Урхо Кеконен) имаат многу блиски односи за време на Студената војна и не е случајно што првата основачка и втората конференција на ОБСЕ се одржуваат во Хелсинки и Белград во 1975 и 1976-77 година.
Финска денес има многу низок коефициент на нееднаквост од 0.269, (а сите релевантни меѓународни организации подвлекуваат дека нееднаквоста е штетна за долгорочниот економски раст) и се наоѓа на 11то место во светот според индексот за човеков развој на Организацијата за Развој на Обединетите Нации (Human Development Index – 0.938), додека Македонија е на 82 со индекс од 0.774. За споредба, во 1990 Југославија има ХДИ од 0.913 и е рангирана во групата земји со висок индекс на човеков развој на 31во место во светот.
Падот е очигледен и за сите земји од регионот може да се каже дека поминуваат низ процес на назадување, длабока периферијализација, маргинализација во меѓународните односи и де-глобализација. На Хрватска, Албанија и Македонија им требаа дваесет години да го достигнат нивото на БДП од 1989 и може да се каже дека и Македонија и земјите во регионот изгубија три децении за развој. Пост-југословенските општества се раслоени, де-индустријализирани, и немаат меморија ниту знаење за нивната улога во седумдесетите и осумдесетите во светската економија, во меѓународната поделба на трудот или во иницијативите во Обединетите Нации преку Движењето на Неврзаните за новиот економски поредок којшто е повторно актуелен и мошне близок до Агендата за одржлив развој на ООН.
Во 2016 Генералниот Секретар на ООН Бан Ки Мун јавно му се заблагодари на Движењето на Неврзаните за нивниот придонес во овој дијалог. За време на Студената војна, престижот и посебниот третман (вклучувајќи го потпишувањето на преференцијалниот договор во 1980 година) што Југославија го уживала во Европската Економска Заедница е токму заради нејзината неврзаност.
Неврзаноста и самоуправувањето се два аспекти од тоа историско наследство што заслужуваат пред се повеќе јавно и академско внимание. Словенечкиот економист и политичар Јоже Менцингер е во право дека е актуелно и доста се зборува за таканареченото социјално претприемништво додека ние веќе го имавме, но го уништивме.
Во извештаите за Македонија и Словенија на Европската Унија за социјално претприемништво сепак се потенцира врската со југословенскиот самоуправен модел: „Историјата на социјалното претпријатие во Република Македонија е тесно поврзана со социјалистичкото самоуправување од времето на југословенската федерација и појавата на различни форми на економска соработка за промовирање солидарност и заемна самопомош. Иницијативите идентификувани за време на социјалистичката ера (задруги, заштитени работни простори и социјални организации и здруженија) може да се гледаат како позитивно наследство што го трасираше патот за појава на денешните социјални претпријатија.”
Историјата е секогаш подложна на ревизии
Земјите наследнички на СФРЈ се чини ги напуштија и заборавија сите позитивни искуства од југословенскиот период кои требаше да се надградат и подобрат, а ги задржаа и “унапредија” оние аспекти кои требаше први да ги напуштиме – централната улога на Партијата/партиите, иако во СФРЈ бројот на членови на Сојузот на Комунисти на Југославија никогаш не надминува 2,1 милиони (помалку од 10 проценти од населението) и парадоксално многу од земјите наследнички денес се длабоко партизирани.
Историјата е секогаш подложна на одреден степен на ревизионизам и неопходно е да се преиспитуваат и надградуваат наследените историски наративи, особено кога стануваат достапни нови извори. Но, бришењето и менувањето на историски факти често се користи за политички цели и за градење на нов доминантен наратив кој е подеднакво униформен и некритичен.
Додека во бугарското општество постојат тенденции да се избрише или ревидира периодот на сојузништвото со нацистичка Германија, да се национализира словенското културно наследство и да се проектира домашниот сталинизам врз соседот, во Македонија владее еден вид општествена амнезија во однос на аспекти од југословенското минато како неврзаноста, солидарноста, социјалната држава и самоуправувањето, кои и денес можат да бидат вектори кои нè поврзуваат со Европа и светот.