автор: Тамара Јовановска
Легитимноста на студентските избори кои се одржаа во скандалозна атмосфера а воедно и легитимноста на СПУКМ ќе се одлучува во наредните два месеци, велат од Студентски пленум за НОВА.
Скандалот кој се случи на студентските избори во кој се вмеша и полицијата сè уште во воздух го одржува прашањето колку тие беа легитимни и кој ќе преземе одговорност за случувањата. Легитимноста на контроверзните студентски избори, проследени со расправии и насилство, на кои за нов претседател на СПУКМ беше избран Давор Поповски, ќе се одлучува во следните месеци, велат од Студентски пленум.
Од пленумот велат дека на претпоследниот универзитетски Сенат е одлучено да се формира Комисија за истражување на случувањата и за промени во Статутот на УКИМ. Во комисијата ќе учествуваат седум професори, двајца членови на СПУКМ, како и двајца членови на Студентскиот Пленум.
Засега се чека реакцијата на УКИМ и Сенатот а во меѓувреме Студентски Пленум ги разгледува и правните аспекти на прекршувањето на автономијата на Универзитетот, како и на човековите права од страна на полицијата.
Иако го побаравме новиот ректор на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Никола Јанкуловски за коментар за тоа дали УКИМ ќе преземе свои мерки за она што се случи за време на студентските избори, но засега тој не е достапен за коментар.
„Насилното однесување и влегување на Единицата за брзо распоредување на МВР во просториите на СПУКМ, кои се под универзитетска сопственост се недозволиви и тоа е прекршување на автономијата на УКИМ”, велат од Студентски пленум.
видео: Насилно исфрлање на студентите (30. јуни 2016)
Тие по институционален пат ќе се обидат да добијат правда за физичките повреди на студентите, за кои веќе имаат извадено и лекарски уверенија.
НОВА го побара поранешниот претседател на СПУКМ, Кирил Спироски за коментар за ситуацијата во која се одржаа изборите но тој одби да даде изјава.
На вонредната средба веднаш по изборите свикана од страна на тогашниот ректор Велимир Стојковски, за која нагласи дека е направена без притисоци, беше кажано дека СПУКМ има статут по кој работи, а УКИМ нема надлежност да се меша во тоа.
Студентскиот и Професорскиот пленум, реагираа на ситуацијата и бараа да се поништат изборите. Протестите кои следуваа по настанот, не резултираа со промени и според студентите, Поповски не е легитимен претседател на СПУКМ.
НОВА го контактираше Поповски за да добие негов коментар за легитимноста на изборите на кои беше избран за нов лидер на студентите, како и за можноста за повторни избори, но тој ни кажа дека е надвор од државата и дека наскоро ќе се произнесе за прашања преку е-маил.
Поповски беше избран со околу 3.800 гласови, наспроти неговиот колега Стефан Василевски со 1.275 гласови. Со оглед на тоа што УКИМ има најмалку 40 илјади студенти, а Поповски не освоил ниту четири илјади гласови, избран е за лидер со помалку од 10 % од студентите.
Сенаторите бараат вонредна седница – ректорот во заминување вели нема услови
Веднаш по скандалот со студентските избори, осум професори – членови на Сенатот на УКИМ побараа ректорот во заминување Велимир Стојковски да свика вонредна седница на која Сенатот ќе расправа за случувањата на контроверзните избори.
– Бројот на сенатори кои побараа вонредна седница го надминува потребниот минимум. Одредбата во член 111 на статутот на УКИМ е императивна, што значи дека по барање на една петтина членови, вие сте обврзан да свикате седница на Сенатот. Со чинот на несвикување на Сенатот вие најгрубо го прекршивте статутот на УКИМ, што како ректор сте должен да го применувате и штитите, се напишаа во отворено писмо на Стојковски, професорите и сенатори Ватко П. Коробар, Маја Стевановиќ, Емилија Симоска, Гордана Бужаровска, Маја Бојаџиевска, Лидија Стојановиќ – Лафазановска, Елизабета Касапова и Емилија Фиданчевска.
Две недели по писмото, Стојковски минатата недела во иста форма им одговори дека нема услови за седница.
-Како што претходно беа известени иницијаторите, согласно Деловникот за работа на Сенатот, нема услови за одржување на вонредна седница на Универзитетскиот сенат. Уште еднаш потсетувам, дека Ректорската управа на Универзитетот донесе заклучоци за решавање на проблемот, кои беа доставени до сите сенатори.
До денес, овие заклучоци се поддржани од 41 сенатор, имајќи предвид дека еден дел од сенаторите се на годишен одмор. Во насока на решавање на проблемот, а почитувајќи ја редоследноста во одлучувањето на двата универзитетски органи единствен целисходен начин и приод во решавањето на проблемот е Комисијата да го изготви извештајот за настаните околу изборите на претседателот на Студентскиот парламент, а Комисијата формирана за Статутот да изготви предлог-одредби за студентското организирање, и материјалите понатаму да бидат предмет на разгледување и одлучување на Ректорската управа и Сенатот на Универзитетот, напиша Стојковски.