DW: Бриселската локомотива тргнува кон Македонија

Сподели

Могерини најави „реобединување во ЕУ“ со членки од Западен Балкан, а лидерот на СДСМ, Зoран Заев, очекува Македонија наскоро да стане 30-та полноправна членка на НАТО, пишува Дојче веле.

Со голем интерес и оптимизам во македонската јавност е дочекана изјавата високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини, за италијанскиот весник ,,Ла Стампа“. Откако потсети дека Велика Британија до 2019 треба да ја напушти Унијата, Могерини најави дека членството сигурно нема да се ограничи на 27 земји, бидејќи Албанија, Македонија, Црна Гора и Србија се кандидати за ЕУ.

„Резултатите од претседателските избори во Франција покажаа дека ЕУ е жива и понатаму ќе се проширува. Сигурна сум дека дека по Брегзит ќе имаме нови членки. Мислам дека тоа ќе бидат земјите од Балкан. Многумина овој процес го нарекуваат проширување, но јас сакам да го гледам како реобединување“, изјави Могерини.

Професорот и амбасадор, Нано Ружин, вели дека изјавата на Могерини потсетува  на победничкиот говор на новиот француски претседател Емануел Макрон, кој порача дека „Европа ќе ја стави во движење (en marche) исто како и неговата партија („Еn marche“), за да покаже колку Европа треба да биде динамична, за да остане горда на ветувањата од вчера и да ги реализира утре, а тоа ‘утре’ не е за пет или десет години, туку ‘утре веќе почна’“.

„Познавачите на европските прилики со задоволство го дочекаа новиот француски-европски допинг и подготвеноста на бриселската локомотива да тргне кон Западен Балкан. Могерини дури избегнува да го употребува зборот ‘проширување’ заменувајки го со посоодветен: ‘повторно обединување’ на Европа. А обединувањето може да се ефектуира само кон Jугоисток, во насока на Западен Балкан“, вели Ружин.

Стимул за балканските лидери

По Брегзит, кога почнаа „да тонат европските бродови“ и да се шири евроскептицизмот и популизмот низ Европа, тој негативен тренд брзо го заменија позитивни промени. Ружин потсетува на исходот од изборите во Холандија, каде проевропскиот либерал Марк Руте го победи популистот и евроскептик Герт Вилдерс, во Франција Макрон ја победи екстремната десничарка Марин Ле Пен, во Германија се очекува битката да ја водат двајца проевропски лидери Шулц и Меркел, а на европската сцена е уште еден современ проевропски политичар, Италијанецот Матео Ренци. Во таа европска раздвиженост тој гледа стимул и за балканските лидери и држави.

„Нема сомнение дека почнуваат последните сто метри од регатата каде не смее да се погреши. Црна Гора веќе граби напред, а победата на Зоран Заев ја става Македонија на многу високо место. Практично ‘македонскиот Макрон’ е Зоран Заев кој успеа да го победи популистот, а слободно може да кажеме и екстремниот десничар по урнекот на Ле Пен, Никола Груевски. Со конституирањето на владата на новото мнозинство, ќе се испрати силно ехо за ‘победа на Европа во РМ’, исто како што тоа се случи во Париз и Хаг. Од своја страна, поддршката на Брисел кон новата коалиција не само што е евидентна, туку се најавува и значајна финансиска помош која ќе ги олесни проевропските реформи во Македонија. Затоа првиот симболичен дипломатски потег на екипата на Заев и коалициските партнери треба да биде во знакот на Европа. Ќе следат и обврските што произлегуваат од Договорот од Пржино – демократизација, владеење на правото, независност на судството, слобода на медиумите и други“, посочува поранешниот македонски амбасадор во НАТО, во два мандата.

Македонија 30-та членка на НАТО?

Паралелно со европскиот пат, во фокусот посилно се ставени и атлантските интеграции на државите од Западен Балкан, како приоритет за стабилноста на регионот, особено откако авторитарни популисти во битката за својата политичка егзистенција почнаа да пројавуваат проруски амбиции. Дека членството во НАТО може да биде сѐ поизвесно, навести и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во интервју за црногорскиот весник „Побједа“. На прашањето како ќе се реши спорот со Грција, поради кој е блокирано членството на Македонија во Алијансата, Заев одговори дека верува оти тоа ќе се случи преку дијалог меѓу двете влади, кои ќе го почитуваат македонскиот идентитет, гордост и достоинство.

„Сакам да потсетам дека 123 земји во светот нѐ признале како Република Македонија. И токму поради оваа причина сметам дека со помош на граѓаните, на опозицијата и на меѓународната заедница, многу наскоро ќе го решиме спорот со Грција. Тоа ќе ни овозможи да го следиме примерот на Црна Гора и да станеме 30-та полноправна членка на НАТО“, изјави Заев.

Според него, членството во НАТО, особено на Балканот, значи стабилност, безбедност и гаранција за границите.

„Покрај тоа, НАТО гарантира економски раст, економски развој и дополнителни странски инвестиции. Ако Македонија беше дел од НАТО, диктаторскиот режим на Никола Груевски и неговите спонзори, не би се осмелил да предизвикува немири какви што, за жал, имавме прилика да гледаме во последните неколку години“, вели Заев.

Гинисов рекорд

Македонија засега го држи Гинисовиот рекорд според бројот на изготвени Акциски планови за членство во НАТО, односно вкупно 17, почнувајќи од 1999 година, потсетува Ружин. Според него, во тој долг 18-годишен период ентузијазмот опаднал, но проатлантското расположение се уште е мошне високо.

„Сепак, во АРМ замреа реформските зафати за членство во Алијансата, а буџетот на Министерството за одбрана кој во 2008 година изнесуваше над 2 отсто од БДП, денес е преполовен и изнесува едвај 1 отсто. Освен проблемот со името, нашите аспирации зависат и од примената на Договорот од Пржино. Ако се интензивираат реформите и се реализираат неформалните гласини дека е можно Република Македонија да биде примена во полноправно членство со акронимот Поранешна Југословенска Република Македонија, приемот може да се ефектуира и на обичен состанок на постојаните шефови на дипломатските мисии во седиштето на НАТО во Брисел. Конечно, во функција на нашите евроатлантски амбиции, би било добро новиот премиер да реализира и една посета до Вашингтон, што не би било големо изненадување“, вели Ружин.

Пред една недела, Генералниот секретар нa НАТО, Јенс Столтенберг, во излагањето во Поткомитетот за безбедност и одбрана во Европскиот парламент во Брисел, изјави: „НАТО е многу загрижен поради ситуацијата во Македонија, a наш став е дека демократскиот процес мора да биде почитуван и дека мнозинството во парламентот има право да одлучи кој ќе ја состави владата“.

Поради состојбите во Македонија, но и во регионот, во нацрт-извештајот на Парламентарното собрание на НАТО (насловен „Економска транзиција во Западен Балкан: Проценка“) се наведува дека земјите од Западен Балкан остануваат од посебен интерес за НАТО.