Вести Свет

DW: САД и НАТО остро против плановите на Приштина

Сподели:

Косовските власти добија сериозни предупредувања од НАТО и САД поради нивните планови да формираат регуларна армија во земјата. Вашингтон се заканува со повлекување на поддршката

Обидите на Косово да ги претвори своите безбедносни сили во регуларна армија, откако наидоа на отпор од српското малцинство, добија и остри критики од НАТО и од најголемиот поддржувач на земјата- САД.
Косовската влада нареди формирање на национална армија пред три години, но српските пратеници најавија дека ќе ги блокираат промените во Уставот. Во средата, парламентот сигнализираше дека ќе го надмине противењето со амандмани на постојниот закон што ќе им овозможи на Косовските безбедносни сили да купуваат тешко оружје, со што всушност ќе прераснат во армија.
НАТО, кој има стационирано 4.500 војници на Косово, соопшти дека планот предизвикал загриженост.
„Им ставив јасно до знаење дека унилатералните чекори како овој не се од помош“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг по разговорот со премиерот и претседателот на Косово.

Амбасадата на САД во Приштина се закани дека усвојувањето на амандманите „ќе не натера да ја преиспитаме нашата долгогодишна поддршка за косовските безбедносни сили“.

Гласањето се очекува во следните денови. Гласовите на српските пратеници, иако само 11 на број, се неопходни за уставни измени, но тие најавија дека ќе ја бојкотираат седницата.

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ во понеделникот изјави дека новиот закон ќе предизвика „нестабилност во регионот“.

Целта на косовските власти е да создадат армија со 5.000 редовни војници и 3.000 резервисти. Во моментов, безбедносните сили се лесно опремена сила која брои 2.500 луѓе тренирани од НАТО за кризни реакции, заштита на граѓаните и вонредни ситуации.

dw.com

Сподели: