Еквадор му го прекина интернетот на Асанж во амбасадата во Лондон, обвини „Викиликс“

Сподели

asanz

„Викиликс“ денеска ги обвини властите на Еквадор дека го прекинале пристапот на интернет на нивниот основач, Џулијан Асанж, кој се наоѓа во амбасадата на Еквадор во Лондон повеќе од четири години.

Организацијата на Асанж, како што јавуваат светските медиуми, за прекинот на интернетот првично обвини државна институција, без да наведе за која станува збор. Подоцна „Викиликс“ на „Твитер“ напиша дека во прашање е Еквадор, а дека интернет-врската била прекината во саботата.

Министерството за надворешни работи на Еквадор, во кратко соопштение, ја потврдило претходно донесената одлука дека ќе му дадат азил на Асанж, но не навело ништо за прекинот на интернетот.

Асанж се наоѓа во амбасадата на Еквадор во Лондон повеќе од четири години, каде се засолни за да ја избегне екстрадицијата во Шведска, каде се бара поради наводни сексуални напади.

Тој од амбасадата го продолжи објавувањето документи, меѓу кои последните беа за електронската пошта на шефот на изборниот кабинет на кандидатката на демократите за претседател на САД, Хилари Клинтон.

meta.mk