Германија и Франција бараат од Турција итно да престане со воената операција во Сирија

Сподели

 

Најмалку 14 лица погинаа, меѓу кои и петмина цивили, во нападот на турските сили врз еден конвој во кој имало и странски новинари, во непосредна близина на градот Рас ал Аин, соопшти Сирискиот Центар за набљудување на човековите права. Според оваа невладина организација со седиште во Лондон, во нападот биле ранети уште најмалку 10 лица.

Според известувачот на телевизијата „Франс 2“, во моментот на нападот во конвојот имало и повеќемина странски новинари.

“Бевме во конвојот на курдските цивили кој беше гаѓан од турските сили и нивните сојузници во Рас ал Аин. Нашата екипа е добро, но некои колеги загинаа” – напиша на Твитер известувачот на француската телевизија Стефани Перез.

Британските медиуми наведуваат дека засега не е познато кои новинари се погинати.

Германија и Франција бараат од Турција итно да престане со воената операција во Сирија. Германската канцеларка Ангела Меркел во телефонски разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган побарала итно прекинување на воените дејствија затоа што и покрај легитимните безбедносни интереси на Турција, операцијата се заканува со можно раселување на локалното население, дестабилизација на регионот и оживување на ќелиите на екстремистичката организација Исламска држава, соопшти владиниот портпарол.

Претходно, францускиот претседател Емануел Макрон, пак соопшти дека во телефонски разговор со Ердоган и американскиот претседател Доналд Трамп предупредил дека турската офанзива во Сирија може да предизвика хуманитарна криза и мора итно да сопре.