Германски пратеник поднесе оставка затоа што лобирал за Груевски

Сподели

 

Пратеникот на владејачката ЦСУ во Бундестагот, Тобијас Цех поднесе оставка на функцијата откако беше откриено дека лобирал за поранешниот македонски премиер Никола Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година, пренесува Дојче веле. 

Кога во екот на политичката криза во Македонија во 2016 година, тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и експремиер Никола Груевски продефилира во политичка посета на Берлин, многумина беа збунети, па и шокирани. Токму официјален Берлин тогаш беше најжестокиот критичар на неговиот режим, но тоа не го спречи Груевски во септември и во ноември 2016 година, најпрво во Берлин да се сретне со тогашниот сојузен министер за економска соработка Герд Милер, а потоа и со (актуелниот министер за внатрешни работи) Хорст Зехофер во Минхен, како и со други високо рангирани политичари. Сите од ред членови на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), сестринска партија на ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел.

Денес, четири ипол години подоцна, истражување на германскиот магазин Шпигел открива и зошто се случиле тие средби. Биле организирани од тогашниот и сега веќе бившиот пратеник на ЦСУ, Тобијас Цех, кој за тоа на ВМРО-ДПМНЕ му наплатил околу 50 илјади евра.

Истиот Цех во ноември 2016 се појави и на митинг на ВМРО-ДПМНЕ во предизборната кампања и со микрофонот во рака порача: „(…) Доколку ја изберете оваа партија, доколку повторно гласате за Никола Груевски, гласате за курс кон иднината на Македонија“.

Истражувањето на Шпигел открива дека симпатиите на Цех не биле само од политичка, туку и од бизнис природа.

Во април 2016, Тобијас Цех заедно со уште еден партнер од партијата ја формирал фирмата „Скалигер Стратеџи Консалтинг“. Само неколку месеци подоцна, тој веќе имал договор за ПР-консалтинг со тогашната владејачката партија во Македонија и 50.000 евра на своето конто.

Целиот текст на Дојче веле прочитајте го тука