Вести Македонија Ударни вести

Хакерски напад на веб страната на ФИТР

 

Веб страната на Фондот за иновации и технолошки развој fitr.mk беше цел на хакерски напад на 28. и на 29.06 (понеделник). Нападот е согледан при интервенција од техничка екипа за санирање на последиците и враќање на функционалноста на веб страната и е веднаш пријавен до Одделот за компјутерски криминал при МВР. Во текот на денот се очекува и увид од страна на службени лица од оваа институција и натамошно постапување.

Со хакерскиот напад оневозможени се повеќе функции достапни за граѓаните и компаниите, вклучително и аплицирање за тековни јавни повици. Нападот се случува на помаку од 24 часа пред затворање на рокот за доставување на апликации во рамки на Јавниот повик за Технолошки развој за брзо прилагодување од ковид-19. Јавниот повик е една од мерките од третиот сет владина поддршка за заздравување на македонската економија. Во изминатите 30 дена колку што траеше јавниот повик, над 2.100 микро, мали и средни компании подигнале апликациски пакети, што е рекордно висок одзив од сите досегашни јавни повици – се вели во соопштението на Фондот.

Поради настанатите потешкотии во аплицирањето, како и исклучително високиот интерес кај домашните компании, Фондот донесе одлука да се пролонгира рокот за доставување на апликациите до 03.07 (петок), до 14.00 часот.

– Фондот остро го осудува обидот за нарушување на редовното функционирање на процесите, особено во услови кога на домашните микро, мали и средни компании им е потребна државна поддршка за надминување на последиците од здравствената криза – велат од ФИТР.

 

Сподели: