Издадена збирка на поезијата „Мостови на пријателство 6“ по повод Денот на Бошњаците

Сподели

 

Здружението „Диван“ како и изминатите години традиционално по повод „28 Септември – Меѓународен ден на Бошњаците“ ја објавува збирката на поезијата „Мостови на пријателство 6“.
 
 
Книжевноста е многу значајна и најдобар медиум за пренесување на универзалните пораки за љубов, мир, разбирање и почитување меѓу луѓето што е основа на збирката во која се застапени песни на 112 автори на вкупно 143 страници. Со оглед на фактот што писателите припадници на помалкубројните заедници, особено Бошњаците се среќаваат со потешкотии во објавувањето на книги на свој мајчин јазик, а и многу често делуваат изолирано преку вакви изданија подржани од Министерството за култура се зближуваат и писателите од различни заедници кои пишуваат на различни јазици.
 
„Книжевната традиција на зборникот „Мостови на пријателството“, веќе е сигурно препознатлив кај писателската фела не само во границите на нашата држава, тој е препознатлив и надвор од нејзините граници. Реномиран зборник кој го негува пишаниот збор и претставува извонреден пример што има универзални димензии како се градат мостовите на пријателство. Уредниците продолжуваат да ја негуваат благородната мисија на зборникот и да градат цврсти темели и несебично даваат свој придонес во збогатување на книжевна и културна разноликост.“ – пишува во делот од рецензијата познатата поетеса и претседателката на Клубот на писатели „Коста солев Рацин“, Лили Арсова.
 
„Здружението „Диван“ со години работи на промоција и афирмација на културните вредности на граѓаните, особено на културните работници припадници на заедниците, меѓу кои творат и голем број на писатели Бошњаци, на македонски и босански јазик. Со вакво издание сакаме да ги афирмираме и претставиме на македонската јавност, а новата книга ќе го збогати македонското и бошњачкото, но и книжевното творештво на припадниците на другите заедници. Веруваме дека и пораките за градење на мостови на пријателство го зголемуваат значењето на Денот на Бошњаците и се најубава честитка до нив и до сите граѓани “ – вели претседателката на „Диван“, Сафета Цуцак.
 
Печатењето на збирката е подржано од страна на Министерството за култура на Република Северна Македонија.