Колумна Текстови

МАЛОГРАЃАНСКИ НАЦИОШОВИНИЗАМ – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели:

 

Национализмот е последното прибежиште на неспособните малограѓани. Тие, сè уште, заглавени во каливата и смрдена провинциска штала, расправаат, помеѓу останатото, за антиквизација, гени, големодржавни идеи, етногенези, националшовинистички етнички и идеолошки чистења… Всушност, самодекларирираниот „патриотизам“ е можност за овие анонимни, безимени, неспособни малограѓани да се затскријат зад параваните на национализмот и оттаму да сеат зло и лаги околу себе, а лицемерно да се претставуваат, пред себе и пред другите, како „значајни“ и „корисни“ за општеството.

Малограѓанинот, со „почитта“ што ја има кон традицијата, за себе смета дека е „најголем патриот“ и тој „факт“ непрестано го акцентира во коверзацијата. Тој запењавено ги убедува сите со кои контактира дека заради „патриотизмот“ започнал да се занимава со тоа што го работи, заради „патриотизмот“ има свој „ситен бизнис“ и, многу често, заради „патриотизмот“ се меша во политиката или со политичарите. Тој го сфаќа „патриотизмот“ како „наивен романтизам“, како работа преку која се грижи за народните традиции и добробитта на нацијата. Има и такви, секако, кои „патриотизмот“ го разбираат и практикуваат како воинствен шовинизам преку кој ќе ги „поразиме душманите“. Сè спротивно на тоа, сметаа нашите големи „патриоти“, не само што е непотребно, туку е и „национално предавство“.

Заради таквите убедувања, „патриотите“ се зачудени како е можно некои нивни сограѓани да не го сфаќаат значењето на крвта, земјата, народот и традицијата, и како е можно таквите луѓе да се застапуваат за мултикултурализам, европеизам, интернационализам, социјализам… Заслепени во „борбата“ против овие непрокопсаници и излудени во секојдневната трка за пари, нашите малограѓански националшовинисти безочно и безмилосно ги напаѓаат неистомислениците со сите оружја. Ги напаѓаат и физички, но почесто – вербално. Ги превртуваат темите и зборовите од туѓите политички ставови, лепат етикети, денунцираат и измислуваат работи и зборови кои никогаш „противникот“ не ги изговорил. Тој низок и нечесен напад е нивна испробана тактика за сервирање лаги кои имаат за цел да се извалка нечие име и да се дикредитираат неговите дела. Впрочем, сите сведочиме дека нашиве полуграмотни малограѓани кои, реално погледнато, немаат поима од патриотизам и македонизам, редовно по кафеаните, улиците и социјалните медиуми секојдневно ги „честат“ своите неистомисленици и политички противници со навреди, пцости, гадости и вулгарности. Се чини дека непристојниот и безобразен политички речник преполн со нетолеранција и омраза, кај нашиве десничарски малограѓани и самопрогласени македонски патриоти е услов без кој не се може. Затоа, времето на омразата кон сè она што не се вклопува во тврдокорниот малограѓански македонизам, одамна кај нас стана секојдневие. Особено оваа малигна атмосфера се засилува во предизборните периоди, кога инструкциите од партиските центри за лаги и манипулации ги интензивираат своите специјални војни.

„Глупак, шалабајзер, копито, шарлатан, хохштаплер, изроди, северџани, муртезанери, предавници, гниди на кои душите продадени им смрдат“, се само дел од инвективите на домашната десничарско-националистичка малограѓанска глутница. Заканите по достоинството, честа и животот на „непријателите“ се секојдневни и редовни. Тапоста, озлобеноста, неписменоста, себичноста, зависта, волчката жед за туѓа пропаст и страдање, особено кон оние кои се од друга нација или кои ги имаат етикетирано како „предавници“ на сопствениот народ, кај нашите малограѓански националшовинисти се претворени во интелектуална и ментална матрица. Оттука, не е тешко да се сфати и заклучи дека со ваква структура на „граѓани“ и со толкава количина на омраза и збороклетие кон сè што е прогресивно, питомо и поинакво, овој град не може да „дише“ и напредува. Затоа, што поскоро, треба да почне да се работи на менување на националшовинистичката ментална матрица кај луѓето и така да се обезбедат пристојни услови за живеење.

 

Сподели: