Вести Свет

Меркел: Коронавирусот ќе зарази голем процент од населението

Сподели:

 

Германската канцеларка Ангела Меркел апелира на одговорноста на секој одделен поединец во приоритетната цел – да се забави ширењето на вирусот. Во Германија досега се регистрирани 1.300 случаи на заболени од коронавирус, и три жртви, пренесува Дојче веле.

„Вирусот стигна во Европа, тој е тука, и ние сите мораме да го сфатиме тоа“, изјави германската канцеларка денеска на прес конференција во Берлин, на која одговараше на бројни прашања на новинарите. Сѐ додека не биде пронајдена вакцина или соодветна терапија, голем процент од населението ќе се зарази со коронавирусот. Експертите сметаат, изјави Меркел, дека ќе се инфицираат 60 до 70% од луѓето во земјата. Посебно на удар се постари лица и луѓе со претходни заболувања. Примарна цел е забавување на ширењето на вирусот и да не се дозволи преоптоварување на здравствениот систем, истакна канцеларката.

Во Германија во моментов е потврдено присуство на Ковид-19 кај преку 1.200 луѓе, а три лица починаа како последица на белодробната болест.

Политичката активност мора да се ориентира од препораките на научниците и експертите, потенцираше Меркел на заедничката прес конференција со сојузниот министер за здравство, Јенс Шпан и Лотар Вилер, директорот на Институтот Роберт Кох, германскиот национален центар за контрола на болести.

„Станува збор за добивање во време“, рече Меркел, целта е забавување на распространувањето на вирусот. Мора да се обезбедат услови во кои медицинскиот персонал ќе може да работи. Исто толку важно е да можат да работат вработените на сите државни нивоа, Притоа, дали фудбалските натпревари ќе се играат пред публика, не е централен проблем.

Меркел извести и за самитот на ЕУ посветен на коронавирусот, кој синоќа првпат беше одржан во форма на видео-конференција. Според канцеларката, исклучително важно во оваа ситуација е тесна координација меѓу партнерите во Европа. Европската комисија за оваа цел ќе формира експертска група составена од виролози. Освен тоа, членките на ЕУ ќе поддржат научни испитувања и пронаоѓање вакцина против коронавирусот. Германската влада најави вложување една милијарда евра во борбата против Ковид-19, кон што се надоврзуваат и 145 милиони евра како германски удел во истражувачкиот сојуз ЦЕПИ, интернационална иницијатива за истражување на средства за имунизација.

DW

Сподели: