Вести Македонија Топ теми Ударни вести

Меркел: Преголем притисок во преговорите за името нема да биде од корист

Сподели:

“Ние сме насочени кон исполнувањето на условите, и за мене не се важни годините како бројки, туку кога е постигната зрелоста за пристапување кон ЕУ”, рече германската канцеларка Ангела Меркел на денешната прес-конференција со македонскиот премиер Зоран Заев што се одржа во Владата на Сојузна Република Германија во Берлин.

Берлинскиот процес, инициран од Германија, но и спорот за името и можноста за негово брзо разрешување, како и засиленото влијание на Кина на Балканот и пошироко во Европа и можните руски притисоци врз Македонија, беа главните теми што ги интересираа новинарите, пренесува Мета.

Премиерот Зоран Заев неколкупати повтори дека за Македонија нема друга алтернатива освен полноправно членство во ЕУ и НАТО.

– Ги следевме случувањата во Црна Горе пред нејзиното придружување на НАТО и во преговорите. Ние сме мала земја, позитивна земја и сакаме да градиме односи со сите земји и да ги подобриме односите со Русија, но нема алтернатива за членството во ЕУ и НАТО. Јас се надевам нема да имаме проблеми. Целиот регион нема друга алтернатива освен ЕУ и НАТО. Се надевам дека со поддршка на нашите граѓани и на Германија, дека целиот регион поблизу ќе се приближи кон ЕУ и НАТО – одговори Заев прашан од новинар дали имало обиди за мешање од Русија во Македонија.

Заев и се заблагодари на Германија за целата поддршка искажана во изминатите 25 години. Сепак, како што рече, главната улога сега ја има Македонија.

– Република Македонија силно ги цени сите пораки за нашите стратешки определби, членство во ЕУ и НАТО. Нам ни останува домашната задача, извршувањето на реформите и решавањето на проблемот со името. Тоа се деликатни и тешки прашања, но ние сме решени да наоѓаме решенија во кои ќе ги вклучиме опозицијата и претседателот и ќе бараме одобрение од нашите граѓани. Во 2017 година влеговме во разрешување на долгогодишни недоразбирања. А желбата за еден нов Балкан е силно поддржана од Германија – рече Заев.

Тој се заблагодари на германската канцеларка за нејзиното иницирање на берлинскиот процес и ја покани да ја посети Македонија годинава.

– Многу е важнно Гермaнија и понатаму да остане посветена на оваа иницијатива, а ние да испорачуваме резултати како резултат на храбро лидерство. Ја очекуваме и понатаму поддршката од СРГ и ја користам оваа прилика повторно да ја поканам да не посети, посетувајќи го и Балканот – рече Заев.

Прашана од македонски новинар, Меркел рече дека не сака многу да зборува за преговорите за името и за некакви притисоци. Сепак, го нагласи фактот дека првпат по подолго време има посилна енергија во преговорите.

–  Мојот став е дека притисокот во прегооврите не е многу од корист. Имам впечаток после подолго време дека двете страни имаат решеност за преговарање. Верувам дека и вие знаете дека јавните изјави некогаш повеќе може да штетат отколку да користат. Тука треба да се најде патот, не треба на прес-конференција, туку зад затворени врати – рече германската канцеларка.

Според Заев, Западен Балкан гледа со оптимизам кон ЕУ, а Македонија не гледа друга алтернатива освен тоа да стане еднаква на другите во европското семејство. Притоа, до тој момент, за земјата многу значи поддршката од ЕУ во унапредувањето на квалитетот на животот.

-Точно дека интересот за Западен Балкан е голем и кај Русија, Кина и други земји, но нема алтернатива за членството во ЕУ. Нашите граѓани се за ЕУ не само затоа што сме на европскиот континент. Ние гледаме што значи поддршката од ИПА фондовите, што значат унапредување на квалитетот на животот. Балканот не е повеќе буре барут. Претставува едно семејство. Поддршката што ја добиваме од Европа, пред сè од Германија, нашите граѓани ја ценат и ги очекуваме новите проекти, како што е Коридорот 8 од Албанија до Црно Море, за кој ќе се употреба парите на граѓаните на Германија за поголемо поврзување – рече македонскиот премиер, уште еднаш повторувајќи дека Македонија останува целосно посветена на полноправно членство во ЕУ и НАТО.

Сподели: