Несреќата воскреснува?! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

Славниот сликар Пабло Пикасо, потресен од колективното страдање од германско-шпанскиот фашизам, отворил изложба на слики во окупираниот Париз. Германски генерал се сконцентрирал на сликата „Герника“, каде што се виделе траумите на милиони невини луѓе по германското бомбардирање. Видно изнервиран, тој со висок тон му се обратил на Пикасо: „Ова вие сте го направиле“? „Не јас, туку вие“ – возвратил Пикасо.

И нашата држава после уривањето на минатиот режим наликувала на Хирошима по атомското бомбардирање, но таквата катаклизма брзо се стопила при нашата ептен брза амнезија. Но истовремено, стратегиските политички ветришта перманентно ни ги сменија тактиките и патоказите, со што се губеше време и енергија. Затоа, сè уште во државата има траги од урнатини, густ чад и лелекања, а несреќата веќе најавува воскресение. Рака на срце, нејзе ѝ помагаат и тие сегменти од централната и локална власт, чии маани лесно ја бришат перцепцијата меѓу доброто и лошото. Некои од нив цело време нè водат по патиштата низ кои поминал Сизиф со својот камен. Или, пак, со нивната вообразеност и претенциозност, наликуваат на глупавата мачка Херкулес, која пред илузорното огледало мислела дека е тигар. А треба да знаеме дека власта е многу поилузорна од илузорното огледало. Таквите кои насекаде лижеле пред минатите избори, а возвраќале со плувачка, сега подобро да ги носат да плукнат пред огледалото.

Време е власта себеси да се третира како наемен работник на граѓаните и да се освести дека секое аздисување го нервира патронот. Таа треба да живее и дише со нив, не само поради својот опстанок, туку поради нешто многу повозвишено. Власта треба кампањски да нуди конкретни развојни проекти за секој поединец или компанија што сака нешто да вложува. А не со години да измачува луѓе по бирократски лавиринти од секакви министерства. Познавачите велат дека, за да има развој, власта треба да има јавна понуда со услови и сугестии за поединци и мали компании кои не чинат многу, а и ефектите се брзи.

Изборите

Реално, по прв пат кај нас имаме европски избори, без закани, без уцени, без листи од админстративци, и без притисоци, инспекции и технички прегледи. Сè уште се свежи саќавањата за вреќите, хендеците, фаќањето за уши, МВРО… Настрадаа медиуми, новинари, компании, поединци и семејства. Свежи се фингираните напади врз децата по автобуси, со цел да се одржи омразата во кондиција и истата да служи како турбина во злосторничката машина. Свежи се јавните дискредитации на бројни личности, само поради тоа што мислеа со своја глава. Но, ние сепак продолжуваме да докажеме дека сме општество што страдаме од хронична амнезија, или пак желбата за одмазда ни е многу брза. И после толку години, никако да ја научиме лекцијата дека најмногу ветуваат тие кои нема што да даваат. Но реално, надвор од глумењето среќа од „победата“, сепак, на овие избори жолт картон добиле сите главни субјекти. СДСМ поради недоволна ефикасност. ВМРО поради неодлепување од криминалното минато. ДУИ поради многу што. Алијансата на Албанците поради безидејност и евтин национализам.

Оттука, на Заев, кој стана премиер со главата во торба, а направи спектакуларни чекори за излез од меѓународната изолација, му се наметнува потребата од длабок хируршки рез во неговото опкружување, поаѓајќи од кредибилитетот на секого од неговиот тим. Потребни се луѓе со јасна развојна визија и реформи. Само така подршката ќе му се врати. Исто така, тимот за односи со јавноста треба да се засилува со вистински професионалци, оти само добрата реклама може да ги продaде добрите производи. Сè со цел да се помогне процесот и да не се вратиме пак во пеколот. Оти луѓето пак залудно ќе се занесуваат дека ѓаволот им носи правда, иако знаат дека тој што е до гуша во направди не може да носи правда. А треба да сфатиме дека „поразот на Северна Македонија“ може да биде историск пораз за секаква Македонија.

„Убијте“ ги непотистите!

Партиските и роднинските вработувања биле вообичаена појава од осамостојувањето па наваму. А кај претходната власт тие прераснаа во организирано владеење на цели фамилии. Ама тогаш никој не смееше тоа да го спомне оти „не ги интересираше политиката“, туку само музиката. Но, крајно време е да се воведе меритократски систем каде што видно ќе се исклучи човечкиот фактор во изборот и унапредувањето на кадрите. Тоа по автоматизам ќе го подобри и образовниот процес, оти знаењето ќе стане главен критериум.  А вака, некои луѓе ќе жалат што нивните чичковци им станаа покојни пред да ги сместат во некоја реномирана државна компанија. Многумина претераа и сега од „дизел“ треба да преминат во парна машина. Треба да сфатиме дека нема напредок без способни, оти неспособните во мнозинство поседуваат способност да ги онеспособуваат и способните.

Што со ЕУ?

Поради изборите, во сенка помина изјавата на Могерини дека Западниот Балкан географски припаѓа на Европа и дека „соединувањето“ е природен тек и секое одложување ги храни национализмите и дестабилизацијата. Вчера во Берлин седнаа највисоките претставници на Србија и Косово, но и на овдешниот регион, пред Меркел и Макрон, што била најавена како регионалната соработка. Сепак, тоа навестува нов формат на преговори меѓу Србија и Косово, дијаметрално различен од средбите кај Могерини (подржана и од Американците). Бон и Париз стравуваат дека промената на границите може да го запали целиот регион. Исто така, се очекува, наредниот процес „Брдо-Крањ“ да усвои документ дека Западниот Балкан како геополитички проблем мора да се интегрира со побрза динамика и дека забавувањето на процесот ќе ги потхрани националистите кои зборуваaт за нови граници и војни. Дека состојбата не е розова и во самата ЕУ говорат и сондажите за европски избори, каде што видно зајакнуваат популистите и крајната десница. И не е случајно што словенечкиот премиер Марјан Шарец сегашната ситуација во Европа ја спореди со онаа пред Втората светска војна.

Придонес кон можната ваква мрачна разврска даваат и овдешните националисти кои со слепилото „власт, тука и веднаш“ не гледат дека палат опасен огин над петролеумска платформа. Со турбо-фолк етнички рефрени шират општа омраза, а со малоумна игра наречена „преспанска ревизија“ само што на ѓаволот му градат висока кула од чии врвови добрососедството се нарекува предавство, демократијата пропаст, а соживотот големо зло! Нè убедуваат дека само со мрачни сили се доаѓа до светлината. Дека омразата е најдобра понуда. Не смееме да клекнеме пред ѓаволот, оти ќе не прегази. Ние можеме да кажеме дека немаме време за будалите, ама тие имаат доста време за нас.

Мерсел БИЉАЛИ