Вести Свет

Нов систем за регистрација при премин на границите на ЕУ

Сподели:

eu-border

СТРАЗБУР (АА) – Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, изјави дека е во подготовка систем за регистрација на влегувањето и излегувањето на границите од Европската Унија и додаде дека до крајот на годината ќе бидат завршени потребните правни и законски измени, јавува Anadolu Agency (AA).

Јункер денеска им се обрати на учесниците од заседавањето на Европскиот парламент во Стразбур. Тој истакна дека ЕУ тесно соработува со своите соседи, првенствено со Турција, со која се постигнати добри резултати во борбата против илегалните миграции, неутрализирајќи ги криминалните групи, спасувајќи луѓе во мигрантските несреќи и со отворање легални патишта за доаѓање на мигрантите во Унијата.

„Постојат позитивни движења кога е во прашање мигрантската криза. На заштитата на границата на ЕУ и спречувањето на илегалните миграции, ангажирани се надлежните Сили за заштита на надворешните и приморски граници (ФРОНТЕКС). Потребно е најдоцна до декември, во употреба да се стават сите механизми за побрзо и поефикасно делување и активирање на сите предвидени системи“, рече Јункер.

Јункер го најави и воведувањето на новите мерки со цел да се реши мигрантската криза, и рече дека надлежните тела на Европската Унија до крајот на годината ќе ги завршат сите потребни подготовки за активирање на системот што ќе ги регистрира сите влегувања и излегувања на мигрантите на границите од ЕУ.

Тој во своето обраќање се осврна и на договорот на Турција и ЕУ, кој го постигнаа во март оваа година за решавање на мигрантската криза и рече дека во период од 6 месеци пред потпишувањето на договорот со Турција, од Турција во ЕУ преминале 739.000 лица, додека по потпишувањето на договорот, во последните 6 месеци тоа го направиле 18.000 лица.

„Разликата е 721.000 мигранти. Според податоците на Меѓународната организација за миграции, во периодот од април до октомври минатата година починале 582 мигранти. Таа бројка во истиот тој период оваа година изнесува 48 мигранти. Затоа, мораме да ѝ помогнеме на Грција. Потребно е да го забрзаме и процесот на повторно згрижување на бегалците од Турција“, рече Јункер.

Сподели: