Нова порака на Бана од Алепо: Нѐ бомбардираат, молете се за нас

Сподели

Синоќа Бана напиша порака на Твитер: „Нѐ бомбардираат. Нема каде да одиме. Секоја минута е како смрт. Молете се за нас. Довидување“

alepo

АНКАРА (АА) – По пауза од неколку дена, седумгодишаното девојче Бана Ел Абед и нејзината мајка Фатима се огласија преку социјалната мрежа Твитер, порачувајќи дека се под постојани напади и дека секоја минута е како смрт, јавува Anadolu Agency (AA).

Седумгодишното девојче Бана Ел Абед и нејзината мајка Фатима станаа познати по пораките што ги испраќаа на социјалните мрежи, со коишто известуваа за воздушните напади над сирискиот град Алепо. Профилот на социјалната мрежа Твитер го отворија пред три месеци, а преку него известуваа за ужасните настани во Алепо, воедно повикувајќи го светот да го прекине крвопролевањето во овој сириски град.

Извесно време немаше никакви информации за девојчето и нејзината мајка, која инаку е наставничка по англиски јазик. Синоќа Бана напиша порака на Твитер: „Нѐ бомбардираат. Нема каде да одиме. Секоја минута е како смрт. Молете се за нас. Довидување“.

Во последната порака што во неделата ја објави мајката Фатима, напиша „Сега сме сигурни дека војската нѐ фати. Почитуван свету, ќе се видиме некој друг ден“. Потоа профилот беше избришан, но синоќа беше повторно активиран.

Во последните денови, Фатма испраќаше пораки оти е загрижена дека ќе биде пронајдена од членовите на сириската армија лојални на претседателот Башар ал-Асад. Нејзината последна порака дека армијата ги пронашла, предизвика загриженост дека мајката и ќерката се убиени.

По исчезнувањето на мајката и ќерката, на социјалната мрежа Твитер под логото „#WhereisBana“, споделени се околу 1.000 објави.

Режимските сили и шиитската полиција веќе 20 дена изведуваат напади врз населените места во источниот дел на Алепо, кои се под контрола на опозицијата. Опозицијата претходно контролираше територија од 45 квадратни километри, а сега таа површина изнесува 25 квадратни километри.

Руската страна тврди дека тие не учествуваат во воздушните напади на Алепо. Според податоците од екипите за цивилна заштита, поради тоа што не можеле да ја напуштат областа каде што има конфликт, 35.000 лица во источниот дел на Алепо се наоѓаат на територијата што беше окупирана од страна на војниците и сирискиот огранок на терористичката организација ПКК, ПЈД.

Алепо е втор по големина град во Сирија. Центарот на градот е оддалечен 40 километри од границата со Турција. Западниот дел од градот Алепо е под контрола на режимот, а источниот под контрола на опозицијата.

Податоците од Дирекцијата за здравство во Алепо покажуваат дека жителите веќе 101 ден немаат можност да ги исполнат основните хуманитарни потреби. Веќе три недели во градот не работат болниците, медицинските центри, пекарниците, училиштата…