Колумна Текстови

ОПАСНА БУРА! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели:

За време на шестиот вавилонски владател Хамураби, со градот Ашур управувал еден многу амбициозен војсководач по име Јахдун-Лим. Тој сакал да му се раѓаат само синови кои ќе станат силни борци и водачи. Рекол дека ако некогаш му се роди женско ќе ја исече на парчиња. И за чудо, како да богот Шаман му ја исполнил желбата и му се родија пет сина. Но, по некое време за негова несреќа му се роди женско!

Јахдун целиот избезумен, пцуел, викал, урлал и тргнал кон сабјата. За момент помислел дека му има згрешено нешто на богот Шаман. Потоа го слушал гласот на небескиот бог Енил: – „Остај го бебето пред небескиот храм, оти многу ќе ти треба“. Јахдун се откажал од кобната намера и детето без никаква нега го оставил пред храмот. Поминаа многу денови, но никој не сакал да го земе. А мајката скришум секој ден потајно низ плач го хранела напуштеното дете. По една година Јахдун сепак се согласил детето да го врати дома. После неколку години, синовите станале моќни ама и со многу караници меѓу себе, поради што ги поделиле и териториите. За остарениот и парализираниот Јахдун останала да се грижи само неговата ќерка, која одбила да се мажи со цел да му се посвети на татка си. Тој со повредено срце како да сакал со солзи да го измие гревот. Најголема моќ има водата во облик на солзи низ чии капки извира океан емоции.

Токму нашите „Јахдун“-ци, сега ронаат крокодилски солзи за исфрленото дете (државата), а толку немилосрдно ја газеле, ограбувале и соголиле. Дури и од Генералното собрание на ОН се наслушавме големи зборови од мал државник за потреби на селски продавници. Грандиозни апсурдурди од лилипутски водачи. А го викаа таткото на нацијата. Можеби затоа што на таа и ја расплака мајката. А разумот, правдата и моралот беа газени и оставени пред храмот, оти кога зборува парата молчи моралот. А сега кога гледаат дека зависат од напуштената ќерка, како дасакат толку силно да ја прегрнат што ќе ја задават. И без да поцрвенат, кај Могерини се жалеле поради неспроведувањето на реформите во правосудството, образованието и економијата!

Со години мафтаа дека името е ирационален спор, дека ЕУ е „Вавилонска блудница“, дека НАТО ќе се распадне. А секој што има грам познавање знае дека во политиката воопшто и нема рационални спорови. Тие не се работа за Мајка Тереза. Со нивното сфаќање на слободата ја заробиле државата. И тешко сфаќаат дека вистината доаѓа од Бога, а лагата од ѓаволот. А бројни луѓе кои се плашеа од Господ, сепак ги поддржуваа тие што воопшто не се плашеа од Господ, оти гладта и најосвестените риби ги тера кон јадицата.

Но, и кај сегашната власт не цветаат рози. Наспроти одличните резултати на меѓународен план, внатре голема безидејност. Со важни ресори за развојот, менаџираат луѓе без потребно знаење. За некои можеме и да се срамиме. Нема нормална држава каде што луѓето не се информираат и едуцираат што да работат и како тоа да го прават за да биде успешно. Имаме многу универзитети ама немаме знаење. Создадена е армија безидејни млади, кои освен телефонот ништо друго не знаат. Мора да се има експанзиона програма за развој на земјоделието, сточарсвото, руралниот туризам, услужните дејности итн. Тоа што влече напред не се локомотивите туку идеите.

 

ИМЕТО

Нашиот државнички капацитет е толкав, што 27 години не можевме да решиме еден мал спор кој сега стана ептен голем. И секој ден се поголем. Ефтини политичари со години пливаа по течението на реката, а политиката често го бара отспротивно. Лажни родољупци со патриотска песна ја погребуваа сегашноста и иднината. А кога најмногу грми, најмалку врне. Од прва држава во регионот со слободен пад, стасавме до дното. И под тоа. На крајот за да не ја загубат власта, го загубија умот. Познато е дека лажниот патриотизам е обид на слабиот да стане силен. Ако во тоа успее, тогаш луѓето ќе бидат соголени до гола кожа. Грците добро знаеле дека нивниот Тројански коњ најдобро може да се нахрани во Скопје. Дури и споменик му подигнаа на самиот плоштад!

Исто така е факт, дека про-путин инсталациите во државата се најглални противници за изнаоѓање решение за името. Тие посакуваат да пропадне евроатлантската агенда за да се оствари пеколниот проект – дестабилизација на Балканот со милиона жртви. Само за да поларната мечка од северните мориња излезе на јужните мориња. Тие пак, се некаков руски тројански коњ. Но, таквата игра е прочитана и од самиот, некогаш проруски Ципрас. Па затоа сега тој најмногу е заинтересиран проблемот да се реши и по цена на загуба на изборите, за да не преземе одгворност за можниот балкански пекол создаден од луциферски кругови околу руско-турските режими. Неслучајно Бугарија, со сите сили се залага за брзо интегрирање на регионот пред да зафати таквата опасна бура.

Да не заборавиме дека на овај дел од Балканот сеуште е присутна логиката на „недовршени држави,“ што во даден момент би тргнале кон крваво прекројување на границите. Во Босна, Милорад Додиќ цело време се заканува со референдум за отцепување, други од БиХ федерацијата одржуваат тесни врски со секакви радикалци. Србија е со срцето во Москва, а со џебот во Брисел и силно претендира кон северниот дел на Косово, кој е вулкан во мирување но секогаш чади. Косово има проблеми со демаркацијата со Црна Гора, со Заедницата на српските општини и со Специјалниот суд. Црна Гора иако членка на НАТО има 40 отсто српско население што во даден момент лесно може да се инструментализира. Македонија со бројни свои проблеми. Целиот Балкан лежи над опасна детонација, а копчињата за детонирање не се секогаш во сигурни раце. Не случајно се активирани силните црвени аларми и во Брисел и во Вашингтон.

Оттука, името не е избор меѓу нерешавање и решавање, туку меѓу експлозија и мир, меѓу егзистенција и исчезнување, меѓу катастрофа и спасување, меѓу прогрес и мизерија, меѓу живеење тука и егзодусот. И многушто друго меѓу! Можеби со решавањето нема да го добиеме рајот, ама сигурно дека можеме да се спасиме од пеколот.

Одговорноста тука е и на опозицијата. Да гледате на рејтинг, е исто како да отворите дупка на бродот на кој сте качени. Дури и да не потоне, секако дека во меморијата на луѓето ќе остане запишано дека не ви било грижа за нив. Лесно е да викаме дека власта ја има одговорноста, но ако тонеме тогаш кое значење има таквата одговорност!? Лесно е да се каже дека ако не се реши името нема да се сруши небото! Ама сигурно дека ќе продолжат да се рушат нашите животи.

Секој знае дека до вчера бевме тоа што сакаме денес да биде заборавено. И пак сакаме да продолжиме да бидеме истите. Изгледа со ниеден друг историјата се нема поиграно како со нас. Лошотијата со задоволство не дружи, оти знае дека јазикот ни служи за масовно труење. Тешко сфаќаме дека злото често победува поради пасивноста на тие што знаат што е добро ама сепак им се допаѓа злото. На сѐ ова, некои никако не можат да разберат дека кога губиш, не треба да ја загубиш и поуката од тоа.

 

Сподели: