ПРОТЕСТИ ВО УНГАРИЈА ПО ЗАТВОРАЊЕТО НА НАЈГОЛЕМИОТ ВЕСНИК КРИТИЧЕН КОН ОРБАН

Сподели

Неколку илјади луѓе вчера протестираа во главниот град на Унгарија, Будимпешта, во револт од ненадејното затварање на најголемиот опозициски весник во земјата.

Транспарентите и извиците на присутните беа насочени кон Премиерот Виктор Орбан, кој е посочен и од домашната, но и од меѓународната јавност како главен виновник за намалувањето на слободата на медиумите и изолирање на приватните медиуми кои се критични кон неговите контроверзни политички ставови против бегалците и мигрантите. Протестите беа организирани од граѓански здруженија и неколку помали опозициски партии.

Вчерашните демонстрации доаѓаат по неочекуваното затворање на весникот „Непшабадзаг“ на 8-ми октомври, без најави ниту до јавноста ниту до вработените во весникот.

Миклош Харгитаи, новинар од Непшабадзаг, вели дека Владата на премиерот Виктор Орбан е единствена која од крајот на комунистичкиот режим во 1990-тите „не толерира никаква контрола или критика – дури ни прашања“. Тој додава дека Орбан 10 години не дал никакво интервју за весникот.

Менаџментот соопшти дека затворањето е поради опаднатиот тираж и финансиските загуби во текот на целата претходна деценија. „Публишер Медиа Воркс“, исто така го поврза затворањето со опаѓањето на приходите.

Но критичарите на затворањето посочуваат на објавените информации во весникот, на почетокот на месецот, за наводна корупција во Фидес – владеачката партија предводена од Орбан. Помеѓу вмешаните во корупција, според весникот, биле и блиски соработници на унгарскиот премиер.

radiomof.mk