САД: Oдржани протести „Ден без имигранти“

Сподели

Вчера низ градовите во САД, меѓу кои и Вашингтон и Њујорк, се одржаа протести под мотото „Ден без имигранти“, против антимигрантската политика на американскиот претседател Доналд Трамп, јавува Anadolu Agency (AA).

Протестите против Трамп – во врска со одлуката за забраната за влез на државјаните од седум муслимански земји во САД, која дополнително беше суспендирана – се проширија во целата земја.

Новите демонстрации во текот на кои многу угостителски објекти беа затворени, започнаа како потсетник на тоа дека во многу ресторани, но и во други објекти, поголем број од вработените се имигранти.

Сопственикот на познат ресторан во Вашингтон, Оливие Кајабе изјави дека имигрантите се значајни за угостителството.

Во Мериленд и во Вирџинија деловните објекти не се затворени, но сопствениците и работниците ги поддржаа протестите.

Синџирот ресторани во Њујорк кој работи веќе 28 години, и кој во овој град вработува околу 500 лица, беше затворен во знак на подддршка на демонстрациите. Сопственикот Ерик Брумберг изјави дека постојат моменти во животот кога парите не се најважни.

Илјадници лица во Чикаго исто така протестираа против антимигрантската политика на Трамп. Меѓу нив се најдоа голем број Мексиканци, кои не отидоа на работа туку се придружија на демонстрациите во „Јунион парк“.

Демонстрантите извикуваа слогани против американскиот претседател и носеа транпаренти: „Не сакаме да се вратиме“, „Откажете се од разделување на семејствата“ и „Не за ѕидот и забраната за влез“.

Anadolu Agency