Вести Свет

САД: Во Шарлот воведен полициски час

Сподели:

sharlot1

Полициски час синоќа е воведен во американскиот град Шарлот, во Северна Каролина, по три дена протести кои почнаа откако полицаец уби маж од афроамериканско потекло.

Градоначалникот на Шарлот потпиша документ со кој полициски час е воведен од полноќ до шест часот наутро.

Протестите, сепак, продолжија и по полноќ, но полицајците не апсеа луѓе на улиците во првите минути по полицискиот час.

 

Демонстрантите настојуваат да извршат притисок врз полицијата да ја објави видеоснимката од инцидентот, која би можела да помогне во расветлување на убиството на Афроамериканецот.

Демонстрантот кој е тешко ранет во текот на втората ноќ од протестите и беше приклучен на апарати, во меѓувреме почина.

Полицијата тогаш употреби солзавец против стотина демонстранти кои нападнаа новинари, кршеа прозорци и предизвикаа мали пожари.

Протестот почна мирно, но потоа настанаа пукотници во кои тешко беше повредено едно лице. Градските претставници тврдат дека во него не пукала полицијата.

Демонстрантите почнаа со шишиња и со петарди да ја гаѓаат полицијата, која одговори со солзавец. Повредени се четири полицајци.

 

Светските агенции јавуваат дека ситуацијата во утринските часови се смирила и оти вработените во хотелите и во рестораните го чистат стаклото од искршените прозорци.

Уличните протести почнаа во вторникот, откако полицаец го уби вооружениот Афроамериканец, Кит Ламонт Скот (43).

Локалната полиција наведе дека на првиот ден од протестите се повредени околу 12 полицајци.

Протестите во Шарлот следеа неколку часа откако во градот Талса, во сојузната држава Оклахома, избија демонстрации откако полицијата уби невооружен маж, исто така од афроамериканско потекло.

meta.mk

Сподели: