Сарафов ја отфрла верзијата за туби со гориво во автобусот кој изгоре на автопатот „Струма“

Сподели

 

Според директорот на бугарската Национална истражна служба Борислав Сарафов, на првата прес-конференција по случената трагедија кај „Струма” главниот сомнеж за несреќата укажува дека најверојатно се работи за човечка грешка која што ја отежнале и несоодветните обележувања на автопатот. Досегашната истрага води кон тоа дека повеќето патници во автобусот починале од задушување со чад, како што покажала аутопсијата која е завршена.

Сарафов ја отфрла верзијата за туби со гориво во автобусот кој изгоре на автопатот „Струма“.

Таа верзија од нас е отфрлена. Најдени се 3 туби, но има остатоци од нафта која ја користи автобусот, а пожарот не настанал од нив. Нема туби од бензин, освен оние вообичаените како причина за несреќата, како и верзијата за терористички акт, изјави Сарафов.

Портпаролката на главната обвинителка на Бугарија, Сијка Милева на денешната прес-конференција изјави дека на местото на автобуската несреќа се пронајдени 44 трупа, наспроти наводите дека во несреќата настрадале најмалку 45 лица. Еден од преживеаните кој е хоспитализиран изјавил дека од автобусот се спасиле осумина а не седумина луѓе.

Ние пронајдовме 44 трупа, а тој категорично изјави дека се спасени осум лица. Јас му реков вие сте седум во болницата. И тој категорично ми рече не, ние се спасивме осум лица. Во текот на истрагата, беа пронајдени 44 трупа. Според податоците со кои располагаме, патувале 52 лица, ние пронајдовме 44 тела, а се хоспитализирани седум лица – четворица мажи и три жени. Останува големата загатка, каде е осмото лице. Работиме на таа верзија, не сакаме да шириме дезинформации, може да се работи и за лошо сеќавање на сведокот, истакна Милева.

Според главниот истражител, Сарафов, тоа се јавува како можност еден од патниците во автобусот, да преминал во некој од другите три автобуси коишто биле заедно со изгорениот.

„Во моментот тоа е загатка за нас, но ќе биде предмет на истрагата“, изјави Сарафов и додаде дека било какви шпекулации не се во корист на истрагата.