Вести Свет

Штајнмаер: Ердоган не го уривај она што се градело со години

Сподели:

Претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер, кој денеска положи заклетва на оваа функција, во својот прв претседателски говор го предупреди турскиот колега Реџеп Таип Ердоган дека ризикува да го уништи сето она што неговата земја го градела со години.

Меѓу Турција и Германија, но и со други европски држави, постои раздор поради желбата на турските власти да одржуваат митинзи меѓу европската дијаспора со цел обезбедување поддршка за Референдумот во Турција закажан за 16 април, а со кој се предвидуваат проширување на овластувањата на шефот на државата. Европските држави не даваат дозвола за одржување такви собири, што направи подлабок раздор во односите на Турција и другите земји.

– Начинот на кој гледаме на Турција е окарактеризиран со загриженост дека се она што се градело со години и децении се уништува, изјави Штајнмаер во инаугуративниот говор.

Турција во повеќе наврати ја обвини Германија дека користи „нацистички тактики“ со забраните на митинзи.

– Престанете со ужасните нацистички споредби. Не ги пресекувајте врските со оние луѓе кои сакаат партнерство со Турција. Почитувајте го владеењето на правото и слободата на медиумите и новинарите. И ослободете го Дениз Јуцел, изјави Штајнмаер.

 

Сподели: