Вести Свет

Силна експлозија го потресе Багдад: Загинаа пет, ранети се девет лица

Сподели:

thumbs_b_c_40baf3f5ebff6251cc861b8eb65a6c2e

БАГДАД (АА) – Најмалку пет лица загинаа, а девет се повредени во експлозија на автомобил-бомба што се случи утрово во ирачкиот главен град Багдад, јавува Anadolu Agency (AA).

Генералот на ирачките сили Хамад ал-Моамен за АА рече дека бомбашот-самоубиец активирал експлозив утринава, во автомобил, во близина на воен контролен пункт во областа Ал-Хусанија.

„Притоа загинаа најмалку пет лица, вклучувајќи го и бомбашот-самоубиец, а најмалку девет лица се повредени”, рече Ал-Моамен, додавајќи дека меѓу жртвите има и припадници на ирачките безбедносни сили.

Досега никој не презеде одговорност за нападот, но ирачките официјални лица и за овој случај ја обвинуваат терористичката организација ДАЕШ, која претходно во поголем број од случаите ја преземаше одговорноста за сличните напади во Багдад.

И вчера, во сличен бомбашки напад на пазар во близина на багдадскиот кварт Рашидија загинаа најмалку седум лица, а беа ранети 30-мина.

Над 290 луѓе загинаа во минатонеделниот бомбашки напад во населбата Карада во Багдад, кој беше најкрвавиот напад во Ирак од 2003 година, од американската окупација на таа држава.

Поради длабоката безбедносна и политичка криза во Ирак, неодамна поднесе оставка и сега веќе поранешниот министер за внатрешни работи на таа земја, Мохамед ал-Габан.

Безбедносната криза во Ирак ескалираше во летото 2014 година, кога терористите зазедоа широка територија, вклучувајќи го и вториот најголем ирачки град Мосул.

Сподели: