Вести Свет

Средбата Меј – Страџен за Брегзит и за втор референдум за отцепување, без резултат

Сподели:

Британската премиерка Тереза Меј и шкотскиот прв министер Никола Старџен, не успеаја да ги надминат големите разлики околу Брегзит и раздружувањето на Британија од ЕУ, како и околу потребата за организирањето нов референдум за независност. Според лондонските медиуми кои на средбата и даваат голем публицитет, разговорите меѓу „двете дами“ на британската политика поминале „крајно студено“.

Во изјавата по разговорите, Меј ја повтори својата претходна позиција дека „сега е време сите (во Обединетото кралство) да бидат обединети“, во момент кога земјата го покренува процесот на Брегзит.

Старџен, пак, остана на својата позиција да се организира нов референдум за отцепување на Шкотска од Велика Британија, само 2,5 години по првиот, што беше спроведен на 14 септември 2014 година.

-Нема рационален аргумент за одложување на вториот референдум за независност, истакна Страџен за медиумите.

Средбата организирана непосредно пред утрешното, формално покренување на Брегзит, беше организирана со цел да се надминат разликите, но и како дел од стратегија на владата во Лондон да разговара со сите делови во Британија, пред отворањето на процесот за раздружување со ЕУ.

На референдумот од 23 јуни минатата година, Шкотска со големо мнозинство гласаше против напуштањето на Унијата. Политичарите од владејачката Шкотска национална партија (СНП) кои силно агитираа против Брегзит, објаснуваат дека членството во ЕУ е од „национален интерес“ за Шкотланѓаните.

Лидерот на партијата и прв министер Старџен уште по референдумот рече дека по изгласаниот Брегзит, вториот референдум станува „неминовност“.

Подоцна, таа го поврза тоа со барањето договор меѓу Единбург и Лондон, за останување на Британија (и Шкотска) на заедничкиот пазар на ЕУ, што практично би значело „мек“ Брегзит.

Британската влада ги отфрли таквите сугестии, што за СНП и Старџен беше земено како оправдување за покренување на процесот за втор референдум за независност, но Меј на тоа гледа како на „политички игри на СНП“ и порача дека ќе го блокира барањето за нов референдум во Шкотска.

Сподели: