Вести Свет

Три силни земјотреси кај Јанина, еден почувствуван и во Македонија

zemjoters-janina

Цела ноќ на улица ја поминаа жителите на Јанина, вознемирени од серијата земјотреси што го потресоа регионот на Епир во Северозападна Грција доцна вечерта.

Првиот земјотрес, кој беше почувствуван и во Македонија, беше во 23.14 часот по локално време, со јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала, а вториот со јачина од 4,9 степени во 3 часот наутро. Трет силен земјотрес со јачина од 4,8 степени се случи во 6.20 часот утрово.

Досега се регистрирани повеќе од 80 потреси по првиот силен земјотрес. Голем број жители на Јанина и на околните села во страв од уште посилен потрес ја поминаа цела ноќ на плоштадите и на улиците.

Во земјотресот нема жртви, но има материјална штета на патната мрежа околу Јанина, распукани се голем број ѕидови во куќи во селата околу Јанина, материјални штети има и на два локални манастири, додека планинските патишта се делумно блокирани поради одрони од карпи.

Според информациите, земјотресот бил почувствуван и на островот Крф, во Солун, Кожани и во цела Северозападна Грција.

meta.mk

Сподели: