Колумна Македонија Текстови

Црни облаци над Европа! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели:

 

Над Европа повторно црни облаци. Изминативе месеци, меѓу Велика Британија и Русија не само што се разменија ептен сериозни воинствени изјави, туку се случија и опасни воени ициденти во зоната на морето околу полуостровот Крим.

Мерсел Биљали

Тука уште одамнa е избришана границата меѓу разумот и лудилото. Поморски судир за малку ќе прераснел во конфликт меѓу британски носач на авиони и руски воени бродови, кои истрелаа повеќе предупредувачки ракети во близина на британски воен пазурнувач во Црното Море. Руското Министерство за одбрана објави снимка на која се гледа, како што тврди министерството, „протерувањето“ на британски разурнувач од водите на Крим со повеќе предупредувачки истрели и бомби. Така што сега на Европејците веќе не им го отсекува патот нeкоја убава русокоса, туку бројни црни мачки!

Русија, делот на тамошните морски води ги смета за свои територијални води, додека Западот истите ги смета за морски води кои припаѓаат на Украина. Русија го има анектирано полуостровот Крим во 2014 година, но Западните земји продолжуваат Крим да го сметат за дел од Украина. Тоа наликува на победа на илузијата над интелигенцијата!

Полуостровот Крим, кој се наоѓа покрај Црното Море, има површина како половина од Швајцарија, со клима слична на онаа на Азурниот брег, и е со многу турбулентна историја. Номадските народи на Скитите, Грците, Татарите и Турците владееле со Крим со векови – додека не дошле Русите. А Крим отсекогаш бил шлаг на тортата на Руската империја, па во 1783 година Крим стана дел од тaa империја. Дури во 1954 година тогашниот руски полуостров беше административно интегриран во Советската Република Украина, иницијатива дадена од тогашниот шеф на Комунистичката партија на СССР, Никита Хрушчов. По падот на Советскиот Сојуз во 1991 година, Крим стана дел од независна Украина. Тоа доведе до тензии, бидејќи две третини од населението на тој полуостров се Руси. Полуостровот живееше главно од туризмот, но последните истражувања покажаа дека таму се кријат големи наоѓалишта на гас. Во 2013 година, украинската влада планираше да потпише договор со меѓународен концерн, предводен од американскиот енергетски гигант „ExxonMobil“, за експлоатација на гас и нафта во Црното Море. Но, во 2014 година Крим беше анексиран од Русија.

Дополнителен проблем за регионалниот мир се и самопрогласените руски републики во Источна Украина (Доњецк и Луганск), кои се непослушни во однос на украинската централна власт. Русија перманетно воено и финасиски ги помага овие две регии, така што таму состојбата со години наликува или во воена или полувоена.

Во моментот најмногу Велика Британија е ангажирана околу спречување на можните руските напади на Украина. Бројни британски бродови и разорнувачи веќе се наоѓаат во Црното море. Аналитичарите имаат различни оценки за шансите за војна меѓу Лондон и Москва или како што некои ја нарекуваат „полустудена“ војна меѓу двете страни, која не се заснова на директна воена конфронтација. Но, Генералот Ник Картер, началник на Генералштабот на британската армија, даде мошне тешки изјави кои ги потресоа безбедносните и воените кругови во Велика Британија и Европа, кога предупреди на можно избувнување на војна меѓу Британија и Русија. Работата не застана само на предупредувањето за можна војна со Русија, бидејќи британскиот генерал изјави дека оваа војна е поблиска од кога било, поттикната од повеќе настани во Источна Европа, а последната е бегалската криза на границата меѓу Белорусија и Полска. Предупредувањата на началникот на Генералштабот на британската армија, кој ќе ја напушти функцијата поради повлекувањето од Авганистан, се совпаѓаат со сличните предупредувања на бројни поранешни функционери на британската служба за надворешно разузнавање МИ6. Така, британскиот весник „Мирор“ откри план за испраќање 600 војници на британските специјални сили во Украина, поради страв дека Русија е подготвена да го нападне својот сосед.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен повтори дека САД се „сериозно загрижени“ за активностите и изјавите на Русија во врска со Украина, каде што тензиите растат. „Навистина сме загрижени за реториката што ја видовме и слушнавме од Русија и на социјалните мрежи“, изјави тој за новинарите во Дакар, каде беше во африканска турнеја.

Британски експерти сметаат дека веројатно таква ескалације е поради фактот што рускиот претседател Путин знае дека моментално американците се преокупирани со Кина, додека Германија е преокупирана со транзицијата на власта по Ангела Меркел, и дека Франција се подготвува за претседателските избори следната година. И преостанува само Велика Британија да се занимава со прашањето за спротивставување на руското влијание. Ситуацијата дополнително се усложнува со отсуството на каква било вистинска акција за излез од кризата по дипломатски пат, како и можната желба на Британија да се покаже барем во имагинарно огледало дека има способност да го води европското крило на НАТО и да ги заштити земјите од Источна Европа, но и да испрати порака дека сè уште е влијателна на меѓународната сцена, дури и по напуштањето на Европската Унија.

Мигрантската кризна состојба меѓу Полска и Белорусија е второто опасно жариште. Европските земји со месеци го обвинуваат авторитарниот белоруски лидер Александар Лукашенко дека намерно создава криза со тоа што ги носи своите мигранти од Блискиот Исток со авион и потоа ги поттикнува илегално да преминат во Полска и Литванија, членки на ЕУ и НАТО. Минск, кој има поддршка од Москва, ги отфрлува тие обвинувања, а илјадници мигранти останаа заробени во ледените шуми на границата. Сите продаваат совест што не гризе. САД го обвинија Минск дека ги користи мигрантите „како пиони во обид да создаде пошироки проблеми. Одбранбената блискост со Русија отсекогаш била „свето“ за Белорусија, па оттука никој да не се сомнева во таквата поврзаност во случај на некоја евентуална конфронтација – изјави Лукашенко.

Tретата жешка европска кризна состојба е предизвикана од блокадата на државните институции од страна на претставниците на Република Српска предводени од членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, кој најави дека во ноември парламентот на Република Српска ќе донесе серија закони кои го оспоруваат статусот на вооружените сили, разузувачките агенции и на полицијата на БиХ во нејзината територија. И дека ќе се блокираат централните правосудни органи како и правото на БиХ да наплатува царини и даноци во Република Српска. Тука што повеќе се намалуваат бројот на аргументите, толку повеќе се зголемуваат бројот на навредите.

Пратениците на РС не присуствуваа на парламентарната седница во Сараево за да слушнат што меѓународниот специјален претставник Шмит има да каже за актуелната ситуација, бидејќи тие веруваат дека тој незаконски бил назначен за висок претставник, оти во Советот за безбедност не се разговарало за тоа. Ние во западен Балкан барем сме навикнати да поминеме низ патиштата низ кои поминувал Сизиф со својот камен!

 

 

Сподели: