Вести Свет Ударни вести

Украина: 4-ти ден руски референдум за анексија и обиди на руските сили да ги задржат позициите

Сподели:

 

Во украинските региони Луханск, Донецк, Херсон и Запорижја денеска тече четвртиот ден од „референдумот“ чија цел е анектирање на окупираните украински подрачја во Русија. Во референдумот организиран во подрачја каде руското оружје доминира, гласачки кутии се носат од дом до дом, обезбедувани од припадници на безбедносни сили, вели регионалниот гувернер на Луханск, Серхиј Хајдај.

Тој вели дека оние што не гласаат правилно, се чкртаат од списокот, а истото е и за оние што нема да се согласат да гласаат.

„Претставниците на окупаторските сили одат од стан до стан со гласачки кутии. И тоа е тајно гласање, така ли?“, вели тој во разговор објавен онлајн.

Моментално руските сили во четирите региони контролираат територија што претставува 15 отсто од Украина, и ако „референдумот успее“ би се прогласило анектирање и приполување кон Руската Федерација, како што се случи во 2014 година.

Тоа претставува сериозен проблем, оти Русија сите обиди тие да се ослободат од руско владение може да ги протолкува како напад врз Русија, нешто за што зборуваше рускиот претседател во средата, кога објави мобилизација на околу 300.000 резервисти и порача дека Русија е загрозена и на сите обиди да се нападне руска територија ќе се реагира жестоко со какви било оружја, пренесува Ројтерс.

Џејк Саливан, советник за национална безбедност на САД во емисијата „Средба со новинарите“ на американската телевизија Ен-Би-Си вчера порача дека САД ќе одговорат на секаква употреба на нуклеарно оружје против Украина и ја предупреди Москва на катастрофални последици со коишто би се соочила во таков случај.

„Ако Русија ја премине линијата, ќе има катастрофални последици за Русија. САД одлучно ќе возвратат“, рече тој.

Во прес конференција во саботата, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лаврв беше подиректен од Путин. Лавров одржа прес-конференција по неговото обраќање на Генералното собрание на ОН во Њујорк, и во неа ги повтори лажните основи на Москва за оправдување на инвазијата на Украина со тврдење дека избраната влада во Кијив е нелегитимна и исполнета со неонацисти.

Прашан дали има основа за користење нуклеарни оружја за одбрана на анектирани региони, Лавров рече дека руската територија, вклучувајќи ги и „подоцна внесените“ во рускиот Устав во иднина, се под заштита на државата, пренесува Ројтерс.

Британската премиерка Лиз Трас, пак, во интервју емитувано на Си-ен-ен вчера порача дека руските закани не се дочекани со страв.

„Не треба да го слушаме Путин и неговото ѕвечкање со сабји и неговите лажни закани. Наместо тоа, треба да продолжиме да спроведуваме санкции против Русија и да продолжиме да ги поддржуваме Украинците.

Како што извести украинската државна новинска агенција ukrinform.net, во текот на изминатото деноноќие, украинските сили одбиле непријателски напади на 13 населени места, а Воено-воздухопловните Сили извршиле 33 напади на руските сили.

Според Генералштабот на вооружените сили на Украина, непријателот продолжува со обидот целосно да го окупира Донецк и да ги задржи окупираните територии, како и да ги одбијат нападите на украинските сили./Мета.мк

Сподели: